Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Војо Маневски и Џабир Дерала
„Вака упростени, постулатите на владеeње изгледаат едноставни и спроведливи, но токму во таа едноставност се крие и тешкотијата на спроведување на која било општествена реформа. Сведоци сме на отпорот кон реформите на образованието. Се разбира, во критиките на предлогот има и издржани замерки на луѓето од струката, но кога сѐ ќе се стави на маса да се разгледа, резултат е заклучокот дека сега не е време за такви реформи. Ако има нешто што не држи заковани секогаш на почетокот на сите нужни процеси, тогаш е токму тој изговор – СЕГА НЕ Е ВРЕМЕ.
А време немаме доволно, затоа што имаме незадоволителни резултати. Подобро ни е да живееме во познатата форма, отколку да ја менуваме и додаваме нови содржини. Стравот од промените е постојана состојба во нашето општество. Таквиот менталитет на подреденост ќе мора да го менуваат новите генерации, доколку сакаат да го најдат своето место во успешниот современ свет“ пишува Војо Маневски во колумната „Сега не е време“.
„ Текстот „Двојните аршини на западните пропагандисти“ не е ништо посебно. Впрочем, мојот коментар го зема само како повод, за да ги илустрира и другите неброени медиумски содржини, како и објавите на пропагандистите на социјалните мрежи. Ако ги погледнете медиумските платформи на црната пропаганда, ќе забележите дека се работи за планирана и систематски спроведена пропагандна операција. Целта е да се дискредитира и омаловажи тоа што дел од граѓанското општество го прави во одбрана на човековите права и слободи, но уште повеќе заради поддршката што ја дава во процесите за исполнување на македонските национални интереси и стратешки определби.
Би сакал тука да издвојам уште еден момент, не дека е исклучок, туку затоа што е илустрација за модел на однесување. Веднаш по објавата на текстот на неговиот сопартиец, шефот на „левица“ побрза да го поддржи на социјалните мрежи нарекувајќи го текстот „АнтиЦИВИЛ“ и го цитира делот од текстот во кој има директна смртна закана со линч:
„Полека не се сили, оти утре и Заев и САД ќе соберат парталите и ќе си заминат, а ти, навлекувајќи ја омразата која они ја создале, ќе останеш ачик среде бесни ѕверови – кои, претходно, додека биле врзани и мали, си ги малтретирал со дренова прачка“!“ пишува Џабир Дерала во колумната „Со наши пари по наша глава“.