„Како жена која се бави со интелектуална работа за мене највисок патриотски чин од една власт е здрава животна средина, да се користат ресурсите, затоа што мислам дека здрави граѓани се базата за добар и просперитетен развој“, истакна новинарката Милка Смилевска на денешната панел дискусија „Патриотизам – да! Национализам – не!“ кој ja организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода.
„За жал, откако паметам за себе живеам во општество кое секогаш е на некаква раскрсница. Секогаш ние треба да одлучуваме за некои историски одлуки. Во овој момент сме исправени пред такво нешто.
Она што лично, како граѓанка, ме разочарува е што за ова најважно прашање во поновата историја на Македонија, лидерот на најголемата опозициска политичка партија, кој има огромна одговорност, затоа што на последните избори поддршка им дадоа 450.000 граѓани, нема став за ова прашање. Сметам дека тоа е многу поразително и неодговорно. Во него е клучот дали ќе успее референдумот и дали ќе се постигне цензусот.
Јасно е дека ако референдумот биде успешен, таа волја на граѓаните на политичарите ќе им биде многу лесно да ја преточат во уставни амандмани, нивно гласање и поддршка со двотретинско мнозинство во Собранието, а потоа и поддршка од претседателот на државата. Тоа би било феноменален сигнал кон ЕУ и САД кои како наши стратешки партнери всушност и помогнаа на земјата да дојде до тој Договор со Грција. Ципрас и Заев не беа сами, туку имаа огромна поддршка од меѓународната заедница.
Токму од сите овие причини ми е нејасно како Мицкоски може да остане глув и да се крие зад патриотизмот. Дали е тоа патриотизам или квази национализам? Мислам дека Македонците кои ја поддржуваат партија не го заслужуваат тоа. Ако е вистински патриот јасно да каже својата позиција нека го артикулира тоа на еден јасен начин. Ако има желба и се нафатил да седне на тоа столче на партија која се повикува на наследство од најголемите рев и борци се крие за буквите на историското ВМРО. Во овој момент за најважното политичко прашање!“, рече Смилевска.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска
Текстот е дел од проектот „Патриотизам ДА, национализам НЕ!“ што го спроведува ЦИВИЛ со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на ЦИВИЛ и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.