ЦИВИЛ Медиа разговараше со Игор Смилев, претседател на една од најголемите еколошки граѓански организации во Македонија, Green Power, за еколошките предизвици со кои се соочува велешкиот регион и Македонија. Смилев зборува и за социјалната правда во земјава и за тоа каде се пресретнуваат социјалната правда и зачувувањето на животната средина.
„На планот на социјалната правда, тоа што е рак рана во нашето општество е сиромаштијата, а уште поголемиот проблем е сиромашката вработеност… Илузорно е да се зборува за социјална правда и за социјална држава, кога потрошувачката кошничка е над 20.000, а просечната плата во Велес е 160 евра. Сиромаштијата е најголемото структурно насилство што една држава може да го направи кон сопствениот народ“, смета Смилев.
„Екологијата е еден од најнеразвиените сегменти во нашата држава. Ако го поставам прашањето – дали се сеќавате на еден министер за животна средина во изминатите 25 години, ќе биде јасно колку е важна екологијата, затоа што нема да се сетите на ниту еден. Толку е голем нивниот ‘ангажман’ во областа на животната средина! Дури и светот да запре со својот развој и сите човечки и технолошки ресурси од светот да се влеат во Македонија, нам ќе ни требаат 30 години да го стигнеме барем балканското ниво развој во делот на екологијата. Е, толку е девастирана екологијата во Македонија!“, дециден е еколошкиот активист Смилев, кој со разочарување се осврнува на тоа колку малку е направено за зачувување на животната средина во Македонија.
Со Смилев разговаравме и за дилемата околу жртвувањето на дел од животната средина, за да се зачуваат работните места. Според него, здравјето е поважно од сè, а потврда за тоа е Велес и најголемиот еколошки протест одржан таму.
„Гевгелија е уште еден пример за тоа колку граѓаните се свесни за своето здравје и за лошиот вкус на профитот којшто преку скапи реклами се сервира како излезно решение од сиромаштијата“, вели Смилев.
„Постои еден термин кој се вика одржлив развој. Тој го претставува светото тројство на една држава а тоа е економија, социјална правда и екологија. Со оглед на тоа дека кај нас и екологијата и социјалата се на последното место, ние немаме одржливо општество и оваа држава ќе се уништи сама од себе“, заклучува Смилев.
Марија Теговска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента
Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Цел на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба“, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.