од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Макрон ни ги собу чевлите. На трнливиот пат за ЕУ, сега единствено само со железни. Можеме и боси ама така се стасува до никаде.
Денеска, утре, конечно ќе се знае, но веќе е сигурно дека ништо од датумот за почеток на преговорите. Барем не покана онаква комотна како што ја посакувавме.
Но добро, ниту ни е за прв пат, ниту е нешто за посебна тревога. Некако се неповолни само две работи: првата, што нема да има прослава и втората што кај и да е кај срдината на наредната година преговорите ќе мораме да ги почнеме.
За првата, по традиција, власта ќе смисли некоја алтернатива. Но, за втората бегање ќе нема. Исто така од две причини:
Првата е што веќе од почетокот на наредната година во Скопје ќе слетаат бриселските бирократи да им дишат во врат на нашиве апаши. Па ако не успеат бргу да ги смотаат, ако не им успее брзо да ги корумпираат, тогаш ќе си имаат големи проблеми со присилата на европските стандарди.
Ќе мораат да се простуваат од тендерски местенки, од партиски вработувања, од клиентелистички полтронирања и од судски и од секакви други узурпирања. Македонија конечно или ќе треба да заигра според европските вредносни правили или ќе атрофира од соптвената корупција.
Втората е што со Унијата повеќе нема зезање. Пораката оттаму, од самитот во Луксембург, ќе е куса, јасна и тврда:
Кој досега се провна во ЕУ, се провна. Отсега па натаму, кој сака внатре, само со железни чевли. Под строга европска стража.
Македонската европската транзиција ќе биде долга и мачна ама и извесно ефикасна. Можна е само со диктат однадвор и со челична посветеност одвнатре. Само така ќе резултира со пристоен правен поредок, спастрени институции, одговорна админстрација, еколошка свест. Со подразбудена јавност и со поодговорни политичари.
Понудата од ЕУ ќе е таа и последна. Наместо боси по трње како досега, само со железни чевли до нивниот клуб.