Собранието ќе одлучува кои прашања ќе влезат во претстојниот попис

Финалното решение за тоа кои прашања ќе бидат вклучени во пописот кој според најавите треба да се реализира во 2020 година ќе го донесе Собранието на Република Македонија, каде треба да се донесе Законот за Попис 2020.

Ова денеска го истакна Државниот завод за статистика отфрлајќи ги шпекулациите дека следниот Попис на населението ќе се реализира без прашањето за етничка припадност.

Во соопштението од Државниот завод за статистика стои дека во процесот на подготовка на претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2020, Државниот завод за статистика минатата година започна широка јавна дебата во однос на предложените решенија за прашањата што ќе бидат вклучени во Пописот, но и за организациско-техничките аспекти на претстојниот попис.

„Во овие дебати заводот, како професионална и стручна институција од областа на статистиката и единствено надлежна за спроведување на попис на населението, ги даде своите предлози меѓу кои и предлогот пописниот образец да не го содржи прашањето за етничка припадност. Овој предлог е вклучен и во Предлог-законот за Попис кој беше ставен на јавна расправа, а и доставен до сите релевантни институции за забелешки и сугестии,“ наведуваат од Државниот завод за статистика.

Актуелниот директор на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во интервју за Алсат-М изрази надеж дека пописот кој треба да се одржи наредната година, ќе помине без никакви политички влијанија.

„Попис во Македонија ќе мора да има. Не станува збор ниту за наша желба, ниту за било што друго. Има потреба од овие податоци. Политичкото влијание беше проблем во изминатиот попис. За овој попис сме насочени да се избегне било какво политичко влијание“, истакна Симовски.

Како што додаде тој, се настојува да не постои графа за етничката припадност на граѓаните. За разлика од неуспешниот попис во 2011 година, овој пат ќе учествува и дијаспората, односно лицата кои не се во земјава повеќе од една година.

За ова, но и за сите други аспекти на претстојниот попис, ЦИВИЛ Медиа, неодамна направи серија разговори со поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски.

Со Герасимовски зборувавме за тоа дали Македонија е подготвена за попис и дали конечно, по несупешниот обид за спроведување на попис во 2011, нè очекува успешен попис идната година.

Најавите за претстојниот попис во кој ќе биде изоставена графата за етничка припадност ја разбранува јавноста.

Според Герасимовски, тоа значи дека треба да се отвори една поширока расправа, на сето она што значи етничка припадност и кои се потребите.

„За мене лично, како прво, тоа треба добро да се обмисли од предлагачот, од надлежните институции, од Владата и од Парламентот, во која функција се истите. Треба да се проверат кои се обврските кои произлегуваат од таа етничка припадност конкретно во нашата држава, дали сме обврзани со застапеноста на некои членови во Уставот, во однос на низа закони на државата и во однос, на пример, на Бадинтеровото гласање во Парламентот. Односно, дали сето тоа има или нема влијание на потребата да има етничка припадност во пописот или да нема“, рече Герасимовски, нагласувајќи дека Законот за попис мора да се донесе преку јавна дебата.

Во однос на мешањето на политиката и политичките партии во самата операција, Герасимовски потенцираше дека токму мешањето на политичките партии, поделбата на политичкото мислење не доведе до неуспешен попис во 2011 година. Тој смета дека успешен попис може да има само ако постои политичка волја.

Во разговорите за ЦИВИЛ Медиа Герасимовски зборуваше и за поврзаноста на пописот како статистичка операција и Избирачкиот список во пресрет на претстојните претседателски избори, придонесот на граѓаните во средувањето на состојбите во државата, во контекст на тоа дека активностите за регистрирање и евиденција на граѓаните мора да се врши секојдневно.

Тој, исто така, предупреди дека Македонија веќе треба да биде во тек на подготовки за Пописот во 2020, кои мора да бидат јавни, транспарентни и брзи.

Маја Ивановска