На денешната редовна 66 седница на Собранието по скратена постапка во второ читање ќе се одлучува за Предлог законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година.
Минатата недела, Владата даде негативно мислење на предлог-законот за амнестија на сите осомничени, обвинети и осудени за 27 април, кој го предложи ВМРО-ДПМНЕ.
Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека законот што е во собраниска процедура на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е закон што е пресеопфатен, дава секаква амнестија, и Владата не смета дека тоа не е вистинскиот пат за решавање на ова прашање.
„Амнестијата што беше опфатена во тој закон беше преширока, така што ставот беше дека евентуална амнестија и други прашања од тој тип треба да се решаваат во рамки на телото за помирување во Собранието“, рече Дескоска.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, изјави дека за ВМРО-ДПМНЕ е сосема очекувано ваквото негативно мислење од Владата за нивниот предлог-закон за амнестија, но и дека се надеваат на можноста преку дебата со амандмани, тоа решение да се подобри.
„Ние очекувавме дека ќе има ваков развој на настаните од причина што и самиот закон во моментот кога го поднесовме согласно собранискиот Деловник не беше ставен на првата седница односно беше одбиен од страна на мнозинството. Така што сето ова води кон еден заклулчок дека целата оваа фарса што се прави и недавањето поддршка за презентација на законот за амнестија е смислено сценарио од само една причина да продолжи агонијата на сите лица вклучени во процесите од 27 април“, изјави Мицевски.
К. С.