Албанскиот Парламент вчера ја изгласа Резолуцијата предложена од пратениците од владејачкото мнозинство против одлуката на претседателот Илир Мета за одложување на изборите, што претставува прв чекор кон негово разрешување.
Од присутните пратеници во собраниската сала „за“ резолуцијата се изјаснија 100 пратеници, 7 беа против, двајца воздржани и еден пратеник не гласаше.
Гласањето следуваше по повеќечасовна дебата во која учествуваше и премиерот Еди Рама, кој рече дека одлуката на Мета да ги одложи локалните избори закажани за 30 јуни не може да се толерира. Според Рама, со оваа одлука Мета ги надминал сите уставни надлежности како шеф на државата.
Според Уставот на Албанија, претседателот на државата може да биде разрешен поради сериозно прекршување на Уставот или сторено кривично дело. Во обраќањето пред парламентот пред гласањето Рама рече дека одлуката на претседателот за одложување на локалните избори е „досега непознат чин во историјата на светското владеење“.