Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија соопшти дека предлог – законот за данок на личен доход влезе во собраниска процедура пред истекот на рокот за забелешки на ЕНЕР. На оваа одлука на Собранието реагира бизнис заедницата дека не само што не се послушани нивните аргументи против новите даночни решенија, туку не е испочитуван ниту рокот за доставување на забелешките.
Стопанските комори во Македонија) како дел од Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, заеднички реагираат дека со овој потег се нарушува партнерскиот однос помеѓу јавниот и приватниот сектор како клучна алатка за постигнување на поволен деловен амбиент кој ќе овозможи предвидливост, стабилност и ќе резултира со економски раст во Република Македонија.
Стопанските комори на Македонија како дел од Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива„ организирани во Платформата за Јавно приватен дијалог каде нивен партнер е токму Владата, во септември годинава излегоа со став дека реформата во даночната политика треба да се одложи за минимум 5 години. Ваквиот заеднички став резултираше по направените детални анализи, бројни анкети со бизнис секторот и реализирани работни средби со компаниите.
Во позицискиот документ што коморите го усогласија меѓу себе и го доставија до надлежните државни институции меѓу другото беше наведено дека зголемувањето на стапките по автоматизам ќе значи праќање на негативен сигнал кај домашните и кај странските инвеститори, регионалното опкружувањето во кое се наоѓа Република Македонија во овој момент, не дозволува зголемување на стапки од причина што брзо ќе ја изгуби компаративната предност и имиџ од досегашната политика на ниски даноци. во ситуација кога државата сака да иницира прогресивен персонален данок, треба да даде предлог и за соодветно распределување на бенефициите (здравствен систем, образование, животна средина и друго) кои државните органи им ги даваат на граѓаните.
Исто така, бизнис заедницата смета дека воведувањето на рамниот данок доведе до големо растоварување на вкупниот даночен товар врз стопанските субјекти, па неговото заменување со прогресивен ќе значи сосема спротивен ефект, односно поголемо даночно оптоварување.
“Ваквиот вид на ад хок измени не и одат во прилог на држава која изминатите неколку години ги помина во правна несигурност и економска криза, заради што целокупната економија беше ставена пред предизвик на опстанок”, се вели во заедничкиот став на стопанските комори кои и покрај тоа што навремено и аргументирано укажаа на негативните ефекти од овие реформи и истите во септември ги доставија до сите релевантни државни институции, сепак гласот на бизнис заедницата не беше слушнат.
С. Т.