Според досегашната пракса во слични случаи, денеска може да се очекува маратонско работење на Собранието и заседавање за имунитетот на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјановски, за кого Јавното Обвинителство бара 30 дневен притвор.
Процедурално, судот веќе утрово треба да испрати писмо до Претседателот на Собранието, Таљат Џафери во кое ќе се бара одземање на имунитетот на Велјановски. Потоа, Џафери, откако ќе го прифати барањето, ќе го извести претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски, кој треба да свика седница на Комисијата.
Седницата може да се свика уште денеска. Рокот за дискусија може да трае најмногу три дена, а ако се свика денеска, до среда на полноќ најдоцна, треба да се гласа. Потоа, Богоевски го известува Собранието за одлуката на Комисијата и предлага нејзино гласање на пленарна седница. Имунитетот на Вељановски може да му се укине со 61 глас.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељановски е меѓу петте осомничени за организирање на нападот на Собранието на 27 април 2017 година, кога насилниците нападнаа пратеници и новинари, меѓу кои и актуелниот премиер, Зоран Заев.
Судот веќе им изрече мерка 30 дена притвор на Миле Јанакиески и Спиро Ристовски кои се товарат за истото дело, а другите двајца, Никола Груевски и Никола Бошковски се во бегство и имаат азилантски статус, едниот во Будимпешта а другиот во Атина.
А. Зеќири