CivilFest
Categories

ЕУ Советот за Брегзит закажан за 25 ноември

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, потврди дека Европскиот совет за Брегзит ќе се одржи на 25 ноември.

Постигнатиот договор за напуштањето на Велика Британија на ЕУ, кој содржи речиси 600 страници, треба сега да биде разгледан од страна на земјите членки на Унијата, објасни Туск.

Во наредните денови амбасадорите ќе ги споделат гледиштата на земјите членки за договорот. Членките имаат 48 часа да го евалуираат договорот, а до четврток треба да завршат со оваа работа, порача Туск кој изрази надеж дека „нема да има премногу коментари“. Доколку не се случи „ништо вонредно“, Самитот за формализирање и финализирање на договорот за Брегзит ќе се одржи в недела наутро, на 25 ноември, изјави Туск.

„Колку и да ми е жал што си заминувате, им порача Туск на Британците, ќе направам сe што можам да го направам ова заминување најмалку болно што може“, изјави претседателот на Европскиот Совет.

Тој рече дека главниот преговарач од страна на ЕУ, Мишел Барние успеал да ги одбрани европските интереси и да ја ограничи штетата од одлуката на Велика Британија да ја напушти Заедницата.

„Не го споделувам воодушевувањето на британската премиерка Тереза ​​Меј за постигнување прелиминарен договор. За мене, двете страни губат“, коментира Туск.

Print Friendly, PDF & Email