Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со неговиот српски колега Александар Вулин попладнево престојуваа во Старо Нагоричане, каде што пожарот е локализиран, но, како што наведе Спасовски, поради теренските специфики и временските услови бара насочување на добар дел од капацитетите за да се избегне ризикот од негово повторно ширење.
Како што информираше Спасовски, вчера, особено во попладневните часови, имаше навистина сериозна ситуација со 13 активни пожари, посебно на источниот дел од државата, од кои дел и на тешко пристапни локации, тоа било причина Спасовски да ја напуши свеченоста на Мечкин Камен во Крушево и веднаш да дојде во регионот, кадешто македонската полиција веќе била на терен и помагала во гасењето на пожарите.
„Меѓу нив и овој на подрачјето на Старо Нагоричане, каде што сме сега, кој е локализиран, но поради теренските специфики и временските услови бара насочување на добар дел од капацитетите за да се избегне ризикот од него повторно ширење“, рече Спасовски на посетата со Вулин.
Од Србија веќе долетаа хеликоптери кои ќе помогнат во справувањето со пожарите.












