„Клучен приоритет на Владата, на институциите, е зачувувањето на здравјето и животот на граѓаните. Сите мерки кои што до сега беа донесени беа во таа насока: Да се сочува животот и здравјето на граѓаните, да го обезбедиме функционирањето на здравството и на институциите, и да се сочува безбедноста, јавниот ред и мир во државата, и на тој начин да имаме механизми низ кои што ќе се справуваме со оваа состојба. Не помалку важно е тоа дека мора да се справуваме и со економските последици од оваа криза и една од причините за барањето за нова вонредна состојба од 14 дена е и од причини што треба да носиме одлуки кои што ќе значат поддршка на третиот пакет економски мерки за рестартирање на економијата, за поддршка на граѓаните сѐ со цел полесно да го надминеме сето ова што ни се случува како последица од здравствената криза“, изјави премиерот Оливер Спасовски по состанокот на Советот за безбедност.
Спасовски изјави дека треба да се истакне дека во моменти кога партиите не можат да постигнат договор, институциите мора да ја преземат целосната одговорност и дека сметаат дека овие 14 дена се период во кој треба да ги завршат сите аспекти во делот со справувањето економската последици и со здравствената криза и за примена на сите мерки што ги презела Владата за справување со пандемијата.
„Уште поважно е дека ние мораме да имаме институции кои што се функционални, институции кои што ќе функционираат, ќе носат одлуки во интерес на здравјето на граѓаните, во интерес на економијата. Ние сме сега во ситуација кога немаме функционален парламент, имаме преодна Влада која што е формирана за одржување на изборите, и состојба која што сите нас не доведе во позиција да функционираме во услови на здравствена и економска криза. Затоа институциите мора да преземат одговорност и во делот на одржување на парламентарните избори и на тој начин да се стават во полн демократски капацитет сите институции со Собрание, нова политичка Влада, која што понатаму ќе ги преземе сите активности за справување со здравствениот аспект на кризата, како и со економските последици“, истакна Спасовски.
Спасовски апелираше уште еднаш граѓаните уште еднаш да ги почитуваат сите мерки и препораки.