„Посебно задоволство причинува фактот што во овие 14 месеци, откако произлезе иницијативата за овој проект, ‘Сина храброст’ прерасна во образовен процес осмислен да обезбеди врвен развој на полицискиот службеник, од кого се очекува да е подготвен во секој момент да го отслика најдоброто, според она што го налага полициското работење.
-Токму развојот на овој концепт кореспондираше со мотото на МВР – Полицијата во служба на граѓаните, бидејќи е креиран да изгради висок стил на лидерство и служба во духот на она што демократското полициско работење им го ветува на своите граѓани. А тоа е, впрочем, нашата заедничка цел!“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на настанот на кој на кој присуствуваше и директорот на БЈБ, беше означен и почетокот на третата обука во рамки на програмата „Сина храброст“, , која ќе се реализира во наредните четири дена, а на која ќе земат учество 22 учесници од МВР, од Бирото за јавна безбедност, Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи и одговорните лица од ИЦИТАП, за да ги усовршат вештините на инструктори за имплементирање на оваа програма.
Министерот Спасовски упати посебна благодарност до организаторите – Меѓународната програма за обука и помош при вршење на кривични истраги (ИЦИТАП) при Одделот за правда на Соединетите Американски Држави, за огромната поддршка во заедничките напори во зацврстување на концептот на ефективен механизам за преобразба на постојната полициска култура, со фокус на личниот и професионалниот развој на полициските службеници кои ќе можат да работат на најоптимално ниво.
Тој додаде дека со проектот „Сина храброст“, годинава се очекува обука на 2.000 полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи, во која тие учат тактики при инциденти и превенирање на последиците кои произлегуваат од нив. Овој концепт, кај полициските службеници ќе развие и психичка цврстина што ќе ја овозможи суштински потребната издржливост, па оттука целта на МВР е обуката „Сина храброст“ да ја поминат сите вработени во полицијата и да стане составен дел од наставната програма на Центарот за обука.
„Причина повеќе е што развивањето на овој проект се очекува да придонесе за континуирана едукација на полициските службеници, навремено воочување на негативните појави и нивно отстранување, посебно во делот на личните предизвици со кои се соочуваат, како што се: меѓучовечките односи, идентитетот и интегритетот, грижа за здравјето и справување со стресот при извршување на секојдневните работни задачи.
Сето ова очекуваме да поттикне предизвикување на позитивни промени кај полициските службеници, а со тоа и во сите сегменти на полициското работење, со крајна цел врвен професионализам и висока одговорност при извршување на полициските работи“, рече Спасовски, додавајќи дека МВР, во насока на градење на современ, ефикасен и подготвен безбедносен систем, постојано тежнее да одговори на сите предизвици, кои сѐ почесто се трансформираат во нови појавни облици, што бара организиран, систематски и професионален пристап во работата на полицијата.
Тој уште еднаш во свое и во името на МВР, ја потврди целосната поддршка во понатамошните активности за имплементација на програмата „Сина храброст“, со уверување дека преку овој проект заеднички ќе се успее во целта да се создадат лидери во полицијата, силни и високопрофесионални полициски службеници кои ќе се грижат за доследно спроведување на законот, во служба на граѓаните, што претставува и клучна цел на Министерството за внатрешни работи.