Со Предлог законот за оддалечување на обложувалниците од образовните институции, преку ноќ ќе им се стави клуч на спортските обложувалници, а 10 илјади вработени ќе останат без работа, истакнаа вработените во спортски обложувалници денеска на прес-конференција пред Владата.
Тие сметаат дека близината на обложувалниците до училиштата не претставува никаква опасност и дека самото законско решение е небулозно, со оглед дека нивните клиенти се над 18 години, посочувајќи ја како спорна близината на обложувалниците до основните училишта.
Во Предлог законот предложен од Министерството за финансии, се предвидува обложувалниците и казината да бидат 500 метри оддалечени од образовните институции, основните, средните училишта и факултетите.
Како најголеми даночни обврзници вработените во спортските обложувалници додаваат дека веќе законите ги штитат малолетните деца, па нема потреба во овој кревок период за економијата да воведуваат законски решенија што се непотребни.
Фотографија: Кирил Михаилов