Косовскиот парламент, со 82 гласа „за“ 32 против, изгласа недоверба на Владата предводена од Албин Курти. По маратонската дискусија, две третини од актуелниот собраниски состав избраа Косово да остане без влада како последица на внатре коалициските недоразбирања.
Недовербата беше иницирана од вториот коалициски партнер, Демократскиот Сојуз на Косово откако премиерот Албин Курти го разреши министерот за внатрешни работи од оваа партија, Агим Велиу, со обвинение дека создал паника со лажна изјава поврзана со ситуацијата со корона вирусот во Косово.
Друга точка за која не се согласија коалициските партии беше укинувањето на царина за српските производи. Откако беше иницирана недовербата Владата одлучи да ја укине царината, но коалицискиот партнер инсистираше и на враќање на министерот со што не се согласуваше премиерот Албин Курти.
Новонастанатата ситуација се очекува да создаде проблеми внатре во партијата која ја иницираше недовербата. Потпретседателката на Собранието, Вјоса Османи која доаѓа од Демократскиот Сојуз и двајца нејзини сопартијци гласаа против недоверба, а кон неа лично денеска имаше и неколку обвинувања од матичната партија како и повици од нејзини сопартијци да ја напушти партијата затоа што се спротивставува на партиските ставови.
А. Зеќири