Српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ и министерот за одбрана Александар Вулин синоќа реагираа на интервјуто на лидерот на опозициската Партија за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас дадено за МИА, кое во целост вчера беше објавено под наслов „Опозицијата бара Пржински договор како во РС Македонија, прилагоден на српски начин“, а беше делумно пренесено од Танјуг, РТС и другите медиуми.
Вицепремиерката и член на Претседателството на СНС, Зорана Михајловиќ во соопштението-реакција до дописникот на МИА во Белград, под наслов – „Во Србија, Ѓилас нема програма, но знае да ја напаѓа својата земја во странство“, наведува дека претседателот на ССП, Драган Ѓилас и Сојузот за Србија (СзС), немаат програма која може да им ја понудат на граѓаните на Србија, но затоа упорно се обидуваат да создадат лоша слика за Србија надвор од нејзините граници.
-Ѓилас по урнек на својот колега Вук Јеремиќ, кога ќе му се даде можност, се обидува во странство да создаде лоша слика за својата земја, наместо да се обиде да ги убеди луѓето во Србија дека има програма. Затоа и не изненадува што во предлозите што ги изнесува, застапува само свои интереси и што во нив нема ништо од она што граѓаните на Србија сакаат да го видат, а тоа се развој, нови инвестиции и подобар животен стил, кажа Михајловиќ.
Со реакција преку соопштение за јавноста до Танјуг се јави и министерот за одбрана Александар Вулин, а беше пренесена од неколку медиуми под наслов „Ѓилас сака со насилство да дојде на власт“, во кое тој оцени дека Ѓилас, со барањето за формирање на влада во Србија според „македонското сценарио“, засновано врз договор меѓу власта и опозицијата, сака на власт да дојде без избори.
-Ѓилас заработи стотици милиони евра без работа, затоа и сака да дојде на власт без избори. Знаеме дека Ѓилас сака македонско сценарио, затоа неговиот работник Бошко Обрадовиќ се обиде да упадне во РТС и во српскиот парламент, за како и во Македонија, да има крвави глави и насилство, оцени Вулин.
Подолгата реакција со обвинувања против Ѓилас, Вулин ја завршува со коментар за односот кон Косово.
-Нека одлучи Ѓилас. Ако односите со Албанците се полоши отколку во времето на владеењето на Ѓилас, тоа е затоа што нивната независност е подалечна отколку што беше во времето на Јеремиќ, а тоа ниту Западот ниту Албанците не можат да му простат на Вучиќ. Ѓилас е лажливец кој заборава за што лажеше вчера, но затоа никогаш не заборава да ја нападне Србија пред странците и да ја обвини за сето зло, рече Вулин како одговор на интервјуто на Ѓилас за МИА.