Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници најостро го осудуи однесувањето на претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев. „Како што пренесува порталот А1он, Штерјев им упатил недолични пораки на новинарите на овој медиум преку нивни колега, нарекувајќи ги „неуки“, „недоквакани“ и ред други навреди. ССНМ потенцира дека ваквото однесување на избраните функционери е недозволиво и суштински поттикнува непријателско однесување кон медиумските работници, па дури и напади кон новинарите. Сакаме да го потсетиме Штерјев дека слободата на медиумите е еден од најважните, ако не и најбитниот столб на едно демократско општество и дека ваквите испади не одат во прилог на никого“, се вели во соопштението на ССНМ.
ССНМ известува дека од соопштението на А1он се разбира дека непријателството на Штерјев потекнува од начинот на известување на овој медиум, но потенцираа дека доколку некој функционер или било кој граѓанин е незадоволен од начинот на којшто известуваат медиумите постојат многу поцивилизирани начини да се разрешат недоразбирањата.
Исто така, потсетија дека во крајна линија Штерјев и останатите носители на јавни функции можат да се обратат со жалба до Советот за етика во медиумите на Македонија.