Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници излезе со соопштение во кое изјави незадоволство од начинот на прекинување на работниот ангажман на новинарот Ивор Мицковски во ТВ Телма.
„Нетранспарентната и несоодветна постапка на прекинот на работниот ангажман на нашиот член, покажува дека лошите практики во македонското новинарство и натаму продолжуваат, наспроти прокламираните заложби за реформирање на медиумскиот сектор.
Вака извршениот чин наведува на сомневање на постоење надворешни и политички притисоци и остава простор за влевање страв кај вработените во медиумите и тренирање на послушност“, се вели во нивното соопштение.
ССНМ уште еднаш укажа дека продолжувањето на ваквата пракса може да има несогледливи последици во вкупниот медиумски амбиент во државата.
Б. Ј.