ВЕСТ НА ДЕНОТ
Од денеска стапува на сила забраната за пластични кеси, достапни само биоразградливи кеси по 15 денари
Од денеска стапува на сила забраната за пластични кеси. За граѓаните ќе бидат достапни само биоразградливи кеси за кои ќе се наплатува надомест од 15 денари, средства што ќе бидат наменети за специјалниот фонд за животна средина. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, граѓаните лесно ќе се адаптираат на промената, што е од големо значење за животната средина.
– На долг рок оваа одлука ќе придонесе кон решавање на низа прашања во однос на животната средина, од причина што собраните средства ќе се користат за инвестирање во животната средина, бидејќи ќе одат на посебна сметка за таа намена. Тоа би значело инвестирање во иновативни, чисти технологии, во системот за управување со отпад, садови за селектирање, намалување на притисокот врз животната средина и слично, наведоа за МИА од Министерството за животна средина и просторно планирање.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Стефоска: 10 милиони евра повеќе за културата во 2022 година
„Предлог-буџетот за културата за 2022 година изнесува три милијарди 855 милиони 548 илјади денари или 62 милиона 692 илјади евра. Тоа е скоро 10 милиони евра повеќе од буџетот со кој располагавме оваа година“, информираше министерката за култура, Ирена Стефоска на денешната прес-конференција, на која го презентираше Предлог-буџетот на Министерството за култура за наредната година.
„За поддршка на проектите од Национален интерес во културата за 2022 година, пак, од буџетот се издвоени над 17 милиони евра, што е за над 1 ипол милион евра повеќе за оваа намена од оваа година“, рече министерката за култура.
ТЕМА НА ДЕНОТ
Мустафов: Ромите ќе бидат запоставени во Кочани и очекуваме одмазда од ВМРО-ДПМНЕ
Еден месец по завршување на Локалните избори 2021, дел од тимот на ЦИВИЛ го посети ромското маало во Кочани каде што за време на изборниот молк (на 16 октомври, сабота) ден пред гласањето на вториот круг на 17 октомври, имаше провокации, закани и притисоци од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков заедно со екипата на Инфомакс, а подоцна пред полициската станица им се придружи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој им порача на Ромите убаво да го запомнат.
ЦИВИЛ разговараше со Шефи Мустафов, жител на Кочани и член на Партија за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР), која е во коалиција со СДСМ. Тој вели дека пратеникот Лефков и екипата на Инфомакс дојдоа намерно да провоцираат во ромското маало во Кочани, со изговор дека дошле пратеникот да даде изјава, иако е противзаконски да дава изјава за медиумите за време на изборен молк.
Новоизбраниот градоначалник на општина Кочани, Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, преку СМС порака кратко ни одговори дека нема време да ни даде изјава, бидејќи од понеделник почна прв ден на работа и дека му треба време да се справи со огромните обврски што го чекаат.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЧОВЕКОВИ ПРАВА Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со извршната директорка на УНФПА Наталија Канем и со Алана Армитаж, директорка на регионалната канцеларија на УНФПА за источна Европа и централна Азија.
На состанокот, кој се одржа на маргините на дводневната министерска конференција за демографската иднина на Европа, што се одржува во Софија, присуствуваа и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, на средбата директорката Канем и Армитаж и оддадоа посебно признание на нашата држава и беше потенцирана како лидер во регионот, во делот на унапредување на човековите права, особено во делот на прашањата за родово базирано насилство, родова еднаквост, успешно спроведениот попис на населението, домаќинствата и становите во земјава, како и на успехот во унапредувањето на мајчиното и новороденечкото здравје.
СРЕДБА Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши денеска во Клубот на пратениците во Скопје имаат нова средба за вклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство. Пред почетокот на средбата Заев и Гаши не дадоа изјави за медиум. Гаши рече само дека продолжуваат со преговорите.
Од Владата утрово соопштија дека средбата ќе биде во ист формат како и претходниот пат и дека и овој пат не се предвидени изјави за медиумите, а за заклучоците од средбата ќе информираат преку соопштение.
ЕНЕРГЕТИКА Владата на Република Северна Македонија на денешната 123-та седница, којашто се одржа преку интернет комуникациска врска, го утврди текстот на Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.
Со оваа Предлог-одлука му се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во наредните 6 месеци, односно до 9 јуни 2022 година.
ЗЕЛЕНИ Што поскоро да се затворат термоелектраните на јаглен во регионот, а граѓаните да учествуваат во одлучувањето е фокусот на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ која ќе се одржи втора година по ред.
Целта на кампањата која почнува од 20 декември, е да се подигне свеста на граѓаните во регионот за причините и последиците од аерозагадувањето, можните начини за подобрување на квалитетот на воздухот, и борбата за поздрава животна средина преку регионална солидарност.
„Обединет Балкан за чист воздух“ е имплементиран од Европскиот фонд за Балканот, поддржан од бројни организации: Еко Форум од Зеница, Институт за територијално управување со животната средина од Тирана, Сбункер и Балкан Грин Фондација од Приштина, Air Care од Скопје, ОЗОН од Подгорица, Регулаторниот институт за обновливи извори и животна средина и Отворено училиште во Белград.
КАНДИДАТУРА Актуелниот заменик министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска официјално ја достави својата кандидатура за претседател на СДСМ.
– Согласно роковите денеска ја поднесов мојата кандиратура за претседател на партијата, заедно со мојата визија и програма – Заедно, одговорно и посветено. Програмата се базира на три столба – социјалдемократска визија и вредности на работењето, економски раст и зголемување на животниот стандард и фер шанса и јасен систем со кој најдорбите ја добиваат одговорноста и шансата, изјави Ковачевски, пред седиштето на СДСМ.
Предходно денеска, и поранешната пратеничка и екс-потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, ја достави својата кандидатура за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
БЕЗБЕДНОСЕН ЧАДОР Два борбени авиони Ф16 на грчкото воено воздухопловство во состав на НАТО денеска летаа на македонското небо. Патролирањето на грчките воени авиони е дел од воспоставувањето на безбедносниот чадор на НАТО, според кој воздушниот простор над Северна Македонија да биде заштитен од грчкото воено воздухопловство.
Според договорите, секоја среда, околу пладне, грчките воени авиони патролираат низ воздушниот простор над земјава. Прва таква мисија беше изведена на 22 мај 2019 година, како дел и од Преспанскиот договор, а стана пракса со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО алијансата на 27 март 2020 година.
БИЛАТЕРАЛА Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска на маргините на Министерскиот состанок на НАТО, во Рига се сретна со помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид при тоа разговарале за билатералните односи меѓу двете земји, соработката во НАТО, eвро-атланските перспективи на Република Северна Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот.
-САД е наш долгогодишен стратешки сојузник и партнер. Како сојузници во НАТО, фокусирани сме да ги зајакнеме односите во областите на безбедноста, одбраната, демократското функционирање на институциите, борбата против глобалниот тероризам, слободната пазарна економија и да ги прошириме можностите за деловните активности на двете земји, истакна министерот Османи, соопшти МНР.
КОВИД 19 Финансискиот еднократен надомест од 30 денари по пациент за матичните лекари доколку достигнат и надминат опфат од 70 отсто со вакцинација од вкупниот број пациенти запишани кај нив ќе им биде даден на крајот на пролетта и почетокот на летото следната година, врз основа на постигнатите резултати, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филпче откако Владата вчера на 112-та седница ја донесе оваа одлука за да се стимулира вакцинирањето во државава.
– Матичните лекари се тие што имаат директен и прв контакт со пациентите и комуникацијата е честа со нив за лекарска услуга, совет итн. И во таа смисла, сметам дека мерката е добро димензионирана и дека реално може да се спроведе. Секако, матичните лекари треба да се свесни колку е важно да се зголеми опфатот со вакцинација, рече Филипче, додавајќи дека мерката е значајна и за државата и здравствемиот систем.
ИНТЕГРАЦИИ Без импулсот кој што би требало да го дадат преговорите многу тешко се мобилизираме внатре за да ги унапредиме состојбите. Потребно е да изградиме своја стратегија за тоа кои се националните приоритети во однос на пристапувањето во ЕУ бидејќи овој процес и доколку ги започнеме преговорите ќе трае многу долго. Приоритети треба да бидат јакнење на капацитетот на администрацијата и на меѓусекторската комуникација, оценува директорката на Институтот за европски политики – ЕПИ, Симонида Кацарска.
СТАРТАП Иднината им припаѓа на стартапите, вака директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров денеска ја најави проектираната финансиска поддршка за 2022 година, но се осврна и на реализираните повици и средства во 2021-ва.
Она што е сега историска поддршка, рече Петров на прес-конференција, следната година ќе биде практика на Фондот за иновации.
МУЛТИКУЛТУРА Заменик директорот на Агенција за остварување на правата на помалубројните заедници (АОПЗ) и Претседател на Странка на демократска акција на Македонија (СДА), Џелал Хоџиќ, беше во работна посета на Европскиот парламент, каде оствари работни средби со европратениците Илхан Кучук, Карло Реслер, Валтер Флего, како и со Елма Оручевиќ, асистентка на европратеничката Ирена Јовева.
КОНФЕРЕНЦИЈА Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, во соработка со, и поддршка од Visegrad Fund, Balkan Trust for Democracy – USAID и Музејот на современа уметност – Скопје, ќе организира голема конференција „Авении на соработка: кон презамислена регионална припадност“, што ќе се одржи на 3-ти и 4-ти декември 2021 година.
Конференцијата е дел од посложена проектна иницијатива која има за цел, преку комбиниран пристап на истражување и застапување да изнајде решение за културниот конфликт помеѓу македонската и бугарската држава, да го разбере конфликтот, да понуди можни решенија за него, и да изгради мостови на соработка на академската и граѓанската заедница која ќе придонесе за одржливо надминување на конкретниот проблем. Притоа, имајќи предвид дека културните конфликти поврзани со наративите за градење на нацијата, каков што македонско-бугарскиот конфликт несомнено може да се решат во рамките на современата политика и нејзините средства за решавање на културните конфликти, а не единствено во рамки на историографијата. Проектната иницијатива има за цел преку вклучување на научници и јавни интелектуалци од трети, но информирани и засегнати држави, преку отворена дебата и дискусија за можни решенија и кршење табуа во врска со историјата, да изгради модел на наратив кој може да послужи како план за решавање на самиот спор.
МОНИТОРИНГ
Набљудувачи на ЦИВИЛ: Во Кочани почнаа партиските чистки, фингерпринт апаратите беа најголем проблем на гласањето
Неколку набљудувачи на ЦИВИЛ од Кочани зборуваат за општата оценка на изборниот процес на Локалните избори 2021, текот на изборниот ден, како и согледувањата во постизборниот период.
Според нив, изборите поминаа релативно мирно без некои поголеми нерегуларности. Најголем проблем беа фингерпринт апаратите со кои ќе се идентификуваа гласачите.
Д. Мишев












