Рокот за јавен увид во Избирачкиот список завршува на 23 август, а она што е познато од Државната изборна комисија е колку граѓанки и граѓани извршиле увид, но не и на колку им излегле во пресрет за решавање на нивните проблеми.
ЦИВИЛ секојдневно добива пријави за неправилности во Избирачкиот список. Барањето на ЦИВИЛ да се најде поедноставно решение за ослободување од фантомите, решавање на спорните случаи и бришење на починатите од Избирачкиот список, конечно треба да допре до надлежните институции.
Граѓанин од општина Ѓорче Петров, Скопје, вели дека ова не е првпат да пријавува фантоми, но бадијала сиот труд, тие повторно се на Избирачкиот список. На иста адреса и број освен тројца реални гласачи во избирачкото место 2560, регистрирани се уште двајца фантоми што никогаш ниту живееле тука, ниту пак им се познати на граѓаните што живеат таму.
„Овие лица со презимиња Жумка, Ќитани, Стојко и Србиновски воопшто не живеат во село Долно Дупени. Сите се Македонци од Мала Преспа, Р. Албанија“, пријавува еден граѓанин за избирачкото место 1650, Долно Дупени.
Граѓанка од Гостивар пријавува дека нејзиниот комшија, починат пред 5 години уште се води на Избирачкиот список.
До адресата на ЦИВИЛ се пристигнати над стотина пријави со истите стари, но и нови неправилности во Избирачкиот список.
ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список и освен во ДИК, да пријават и во ЦИВИЛ, со порака на електронската адреса на ЦИВИЛ: [email protected], со назнака: Избирачки список со пораката во која ќе наведат име и презиме на реално постоечките лица, адресата, а потоа имињата и презимињата на лицата што не живеат на таа адреса. Или, пак, граѓанките и граѓаните може да се јават на 02 / 520 91 76 од 9 до 17 часот, секој работен ден.
Б. Јордановска