„Станува збор за избрзано решение, кое што доцни во овој момент, значи не било почнато со време да се работи, а сега, вакво какво што е не може да ја издржи критиката на стручната јавност, и од друга страна, станува збор за материја која што квалитетно мора да се уреди, бидејќи премногу експериментираме со решенија кои што не се соодветно подготвени“, вели за реформите во безбедноста професор трпе Стојановски од Факултетот за безбедност во Скопје, во интервју за ЦИВИЛ Медиа.
Стојановски вели дека реформите требало да почнат уште со создавањето на Оперативно-техничката агенција и да го опфатат целиот безбедносно-разузнавачки систем.
„Решенијата или пораките за реформирање на законските решенија во оваа област требаше да одат како пакет. Меѓутоа, еден од проблемите е што не постои квалитетна координација на промените кои што се случуваат во легислативата. Издвојувањето на досегашната Управа за безбедност и контраразузнавање од МВР и формирање на Агенција за национална безбедност е позитивен чекор, но мора да биде хармонизирано со промените во другите институции од безбедноста“, смета Стојановски.
Но, и сам по себе, нагласува професорот, законот за Агенција за национална безбедност има многу пропусти.
„Новиот законски текст, кој што сè уште е во некоја работна верзија, има слабости во смисла на непрецизна регулираност на самата институција, која што не само што го менува името, но менува и значаен број од своите надлежности, организациски претрпува значајни измени, а тие не се соодветно, прецизно, рефлектирани во овој законски текст. Постојат решенија кои што едноставно се преземаат од досегашната практика, но на кои што не им е местото таму“, вели Стојановски.
Сериозен проблем во новиот текст, нагласува Стојановски, се контролните механизми што мора да ги има по претходната состојба со безбедноста.
„Покрај постојната агенција ОТА, новоформираната Агенција за национална безбедност има можност да употребува средства, алатки за следењње на комуникациите и надвор од законскиот проект за ОТА. Сметам дека тоа е потребно, е неопходно, меѓутоа, тоа е материја која што дополително мора квалитетно да се уреди токму со надорните или контролните механизми бидејќи една таква дискреција, особено во услови после она што го имавме – нарушен интегритет, нарушени впечатоци за безбедносните структури, особено за оваа, која што имаше монопол на следењето на комуникациите и пресретнување на информациите, како граѓани посакуваме поголеми гаранции и поквалитетни, побистри механизми со кои што ќе се остварува тој надзор или контрола“, вели професорот.
Нејаснотии, недоречености и пропусти има и во другите законски решенија кои се во подготовка, како новиот закон за Агенција за разузнавање, но пред се недостасува сериозна, квалитетна и сеопфатна стратегија за национална безбеднос, смета Стојановски.
„Станува збор за осетлива материја, во која што секако дека и законодавецот е внимателен, во подготвување на текстот, меѓутоа тоа е материја која што дефинитивно мора квалитетно, бистро да се уреди и во тој дел ми недостасува некој сериозен партнер од Европската унија кој што може да обезбеди квалитетни консултации, квалитетни решенија до кои што мора да се дојде и уште повеќе тие решенија понатаму да се бранати во домашната јавност и уште повеќе кога овие решенија , за кои што многу прецизно говори господинот Прибе во неговиот извештај, почнувајќи од 2015 година, треба квалитетно да се промовираат пред институциите на Европската унија“, објаснува Стојановски.
Владата, додава професорот, мора да ја препознае потребата од квалитетни реформи и со целиот државен инструмент, со пријателите и со партнерите од невладиниот сектор да гради одржливи механизми.
„Многу од претпоставките се исполнети, ако сакате и политички, бидејќи очекувањата на граѓаните за поквалитетен и побезбеден живот се нараснати, оваа влада на некој начин и ја избравме и промовиравме со такви задачи, и очекуваме да одговори на предизвиците. Ова што сега се прави го рпепознаваме како заложба за менување на работите кон подобро, меѓутоа методологијата и алатките кои што ги практикува владата не гарантираат дека ќе имаме квалитетно решение“, смета Стојановски.
Игор К. Илиевски
Камера: Дехран Муратов
Фотографија: Ангела Петровска
Монтажа: Биљана Јордановска