По вчерашниот настан на „ЛОЈА“, #Трансформатори и Еко Герила, Хелсиншки комитет излезе со остра осуда за кршење на право на мирен протест.
Како што соопштија здруженијата, половина час по поставување на инсталацијата од фотографии од разни локации во Тетово со нереализирани предизборни ветувања од Општината, службени лица на Општината целосно ја отстранија инсталацијата.
„Со овој насилнички чин директно се напаѓа слободата на изразување и се кршат загарантираните човекови права и слободи. Истакнуваме дека попречувањето на правото на мирен протест, како и противзаконското користење на службен автомобил од Општината Тетово, претставуваат дејствија со кои во конкретниот случај засегнатите лица флагрантно го прекршиле Уставот, Законот за јавни собири и релевантните меѓународни стандарди. Хелсиншкиот комитет за човекови права веднаш ќе покрене постапка заради утврдување на околностите во случајот, при што ќе бара преземање конкретни мерки од страна на Општина Тетово со цел утврдување на одговорност во најбрз можен рок. Дополнително, од страна на надлежните структури во МВР ќе биде побарано да се преземат неопходните мерки и активности.
Ваквиот вандализам, спроведен од општинските власти во Тетово за време на прикажувањето три инсталации кои ја користат уметноста како форма на протест, наликува на враќање на режимските практики на постапување од страна на властите во државата на начин кој е во целосна спротивност со вредностите и принципите кои тие треба да ги застапуваат. Притоа, укажуваме дека враќањето на довербата во локалните и централните власти може да се случи само ако се покаже бескомпромисност во борбата за заштита на слободите и правата на граѓаните и ако се почне со системско санкционирање на прекршувањата од страна на претставници на властите. Хелсиншкиот комитет очекува Општина Тетово и Министерството за внатрешни работи сериозно и неодложно да се зафатат со расчистување на денешниот инцидент и веднаш да ја утврдат одговорноста на сите лица инволвирани во настанот“, се вели во соопштението на Хелсиншки комитет.