Во Собранието помина предлог законот за изменување и дополнување на законот за возила со кој се воведуваат и програми за субвенционирање на дел од трошоците за купување на возила на електричен погон или хибридни возила, за вградување на уреди за погон на ТНГ или друг вид на алтернативно гориво и за купување на ново возило со одјавување на старото возило.
Во законот се предвидува годинава да се одвојат 170.000.000 денари или околу 2,7 милиони евра за субвенции, што е доволно за околу 900 возила.
Бектеши неодамна соопшти дека сите граѓани што имаат возила со стандард ЕУРО 2 и 3 ќе можат да се откажат од тие возила и да купат возила со стандард ЕУРО 5 и нагоре, со субвенции од државата.
Тој додаде дека за возило чија вредност нема да надминува 10 до 12 илјади евра, субвенцијата е до 3.000 евра. Бектеши посочи дека граѓаните ќе може да го заменат старото возило и на автоплацевите каде што се продаваат увезени половни автомобили, под услов тоа да има најмалку ЕУРО 5 стандард.
Во законот пишува дека со програмите за субвенционирање предвидено е од буџетот да се одвојат 245.000.000 денари или околу 3,9 милиони евра во 2020 година и 320.000.000 денари или околу 5,2 милиони евра во 2021 година.
Тоа се субвенции доволни за 1.300 возила наредната година и 1.734 возила годината потоа.
Инаку, со овој закон се воведува еколошка категоризација на возилата и во зависност од годината на производство и европските Еуро емисиони стандарди на нивните мотори. Се добива еколошка налепница во три бои (зелена, жолта и црвена) за секое возило кое е во сообраќај на патиштата.