Одлично е тоа што Владата продолжува со праксата на давање субвенции за купување велосипеди. Но, кога има намера да ги поттикне граѓаните да користат повеќе велопсипеди од автомобили, треба сериозно да размисли на кој начин ќе им овозможи елементарни услови за тие кои ќе ги користат истите.
Додека пајаците работат со полна пареа и капацитет да направат приод до кафаните и кафулињата, на останатите места каде пешаците и велосипедистите немаат никакви услови за нормално движење, немаат абер да спроведат некаков ред.
Најдобар пример за тоа е Кисела Вода, каде овој вид на „паркинг“ е најнеподнослив, а истовремено и многу лесно може да се реши. На пример, како во Центар, една улица подолу каде што се поставени столпчиња на тротоарите за да се овозможи непречено движење на пешаците и велосипедистите.
Доколку не почнат да се решаваат овие проблеми, ќе се изгуби и целта за субвенционирање за велосипеди. Додека не се реши проблемот ќе глумиме каскадери и ќе чекаме не дај Боже да има некоја жртва за да се преземе чекор што нема да им одговара само на сопствениците на неколкуте локали.
Дамјан Темков