По сторијата на ЦИВИЛ Медиа, објавена во август 2017 година, која се однесува на дискриминација Фикри Јашаров на кој не му бил дозволен влез на базенот во Битола поради неговата етничка припадност, Европскиот центар за правата на Ромите покрена судска постапка за заштита на неговите права. Деновиве, Основниот суд во Битола донесе пресуда во корист на оштетениот.
Судот му нареди на базенот Довлеџик да ја прекине практиката за одбивање влез на базенот за Роми и да му исплати отштета во висина од 60.000 денари (977 евра) за Фикри Јашаров, 37-годишниот Ром кој го тужеше базенот со поддршка од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР).
„Нас, Ромите, не нѐ сметаат за луѓе! Нѐ гледаат како оваа црна тренерка што ја носам“, во 2017 година изјави за ЦИВИЛ Медиа, битолчанецот Фикри Јашаров, кој не беше пуштен во базенот „Срце Доблеџик“ во Битола. Тогаш, тој за ЦИВИЛ сведочеше дека обезбедувањето на базенот не го пуштиле него и уште неколку Роми во базенот, затоа што добил таква наредба од сопственикот.
Истото лето, ЕЦПР организираше тестирање за дискриминација во кое беа вклучени шестмина Роми и четворица не-Роми, а подоцна резултатите од ова тестирање беа поднесени до судот како доказ. Притоа, на сите лица кои не се Роми им било дозволено да влезат на базенот, додека на сите Роми им бил забранет влез.
„Во исто време се почувствував и разочаран и понижен“, се сеќаваше Фикри за инцидентот. Тој не бил изненаден од ставот на обезбедувањето поради „широко распространетата дискриминација во Битола против нас Ромите. Оваа пресуда вели дека Ромите не смеат повеќе да бидат дискриминирани и, се разбира, таа ќе има позитивен ефект за нас Ромите во Битола“.
ЕЦПР поведе нов случај пред судот во Битола со аргументи од тестирањето со кое се докажува дека базенот ја дискриминира целата ромска заедница во градот. Во моментов се чека судот да донесе пресуда во овој случај.
„Ширум Европа, на Ромите рутински не им се дозволува пристап до јавни простори“, рече Ѓорѓе Јовановиќ, претседателот на ЕЦПР.
Д. Муратов