Новогодишната атмосфера на авенијата на Елисејски полиња (Champs Elyseе) вчера во Париз паднаа во втор план, поради припремите за денешните протести. „Жолтите елеци“ регрутираа минувачи и делеа памфлети на влезовите на метро станиците во центарот на градот. Излозите на луксузните продавници се покриваат со метални плочи и бариери, поради очекуваните насилства и вжештената ситуација. Во текот на ноќта се одржуваа средби со претставници на „Жолтите елеци“ со премиерот во Матињон, а властите и дел од „Жолтите елеци“, кои се декларираа како “умерени” повикуваа на смирување на страстите и оставање на простор да интервенира државата.
Во моментов има 354 уапсени лица, од кои на 127 доделени им се мерки притвор. На влезот на Елисејските полиња се вршат претреси, запленети се гас маски и заштитна опрема од солзавец, предмети што можат да служат како проектили и слично.
Сепак, останува една група која е решителна во намерата за кршење и демолирање на градот, а министерот за внатрешни работи Кастанер, апелира до „Жолтите елеци“ да не се мешаат со демолирачите и да го чекаат исходот од преговорите.
#Paris #YellowVests protests: "the situation is quite heating up, clashes are erupting in the middle of the #ChampsÉlysées", @sandrolutyens reports. pic.twitter.com/0paxUIJU36
— FRANCE 24 (@FRANCE24) December 8, 2018
Владата изјави дека решението на кризата ќе треба да се бара во заедничка стратегија и делување, и апелираат до работодавците да направат напори за покачување на платите.
Освен на Елисејските полиња, на другите локации во Париз е мирно.
Движењето „Жолти елеци“ кое почна да протестира пред три недели ги отфрли првите отстапки на владата, меѓу кои, и намалување на даноците за бензините.
Тие соопштија вкупно 41 барање, со кои бараат промена на работното законодавство во корист на работниците и укинување на политиките на штедење, како и ренационализација на јавните служби.
Д. Мирчевска