“Податоците се мои, ракописот и потписот не се мои”. Вака одговараше на денешното рочиште за “Талир 1”, еден од сведоците повикан од обвинителството кога виде уплатница со негови податоци за донација за ВМРО-ДПМНЕ. Тој пред судот потврди дека ниту бил член ниту некогаш давал пари за ВМРО-ДПМНЕ.
Друг сведок, Горанчо Ангеловски, кој бил член на ВМРО-ДПМНЕ во Петровец, раскажуваше како од штабот на ВМРО-ДПМНЕ му давале пари и уплатници во коверт, а тој ги уплаќал во банка и уплатниците ги враќал во партијата. И тој тврдеше дека ракописот и потписот на уплатницата не се негови.
Судскиот процес за случајот “Талир” е во доказна постапка и во оваа фаза сѐ уште се сослушуваат сведоци.
Овој случај отворен од поранешното СЈО се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а осомничени се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Освен нив со овој случај се товарат и Илија Димовски, Леко Ристоски и ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект, кои се товарат само за перење пари.
Обвинета на почетокот беше и Елизабета Чингаровска, но таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години.