Доколку не постои решение за високата стапка на корупција, Светската банка во анализите за економските параметри во земјата, констатира дека нема услови за стабилен економски раст.
Оттаму потенцираат дека потенцијал за раст на економијата постои, но мора поефикасно да се работи на намалување на невработеноста, да се вложува во човечкиот фактор и да се подобри конкурентноста на компаниите од приватниот сектор.
Анализата на Банката вели дека само 5% од компаниите во земјава се извозно ориентирани и тоа е далеку од просекот од земјите во регионот. Светска банка потврдува дека подолг период бизнисот е заложник на политичките случувања во земјава.
„Извештајот содржи податоци за политичката нестабилност, за ниската доверба во јавните институции, корупцијата и другите фактори кои влијаат во довербата на граѓаните…“, рече Марко Мантованели од Светска Банка.
Приоритетни промени кои ги наведуваат од банката се владеењето на правото, реформи во јавниот сектор, пристап на компаниите до финансии и други мерки.
„Успехот на земјата при спроведување на сите приоритетни области зависи од тоа колку храбро ќе делува и ќе одржува стабилен курс на реформите. Заедничка политичка визија и свесност на јавноста ќе обезбедат дневнополитичките случувања да не го разводнат реформскиот момент“, рече Марко Хернандез од Светска Банка.
Прогнозите на Банката се дека со просечниот раст од 2,8% на Македонија ќе и бидат потребни 70 години да го достигне актуелното ниво на развој на Европската унија.
К. С.