Модуларната болница во Тетово била градена според меѓународните и домашните стандарди, a планот за заштита од пожари требало да го изработи и спроведе болничкиот персонал под раководство на директорот на болницата во Тетово, велат од Светска банка за „Дојче веле“.
„Проектниот список за изградба на модуларните болници вклучуваше конкретни мерки фокусирани на заштита од пожари и подготвеност за итни случаи за време на изградбата, а исто така постоеше обврска да се воспостави ‘План за заштита од пожари’ на почетокот на работата на објектот“, изјави претставник на Светска банка, за Дојче веле.
Според него, Планот за заштите од пожари требало да се изработи и спроведе од назначениот болнички персонал под одговорност на директорот на болницата.
Од Светска банка не сакаат да коментираат во врска со техничките спецификации на проектот по кој се градени модуларните болници во земјата. Во македонската јавност имаше критики поради користењето на ПУР-материјали за ѕидовите и покривите на модуларните болници, кои важат за лесно запаливи.
Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември, во кој животот го загубија 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини на пациенти, кои во моментот се нашле во болницата. Два дена по пожарот, оставки понудија директорите на болницата во Тетово, како и министерот за здравство, д-р Венко Филипче и заменик-министерот за здравство, Илир Хасани.