Повеќе од 100 музички светски sвезди, вклучувајќи ги Ролинг Стоунс, Пол Мекартни, Лејди Гага, Килерс, Стиви Вондер, Селин Дион, Андреа Бочели, Џенифер Лопез и Били Ајлип, одржаа виртуелен концерт „Еден свет – заедно дома“ во знак на поддршка на здравствените работници, во време на пандемијата на коронавирусот.
Овој уникатен настан, организиран од „Глобал цитизен“ и Светската здравствена организација (СЗО), започна со снимки од луѓе кои аплаудираат на здравствени работници од нивните домови низ целиот свет, а целиот настан траеше осум часа.
Средствата собрани за време на концертот се наменети за Фондот за солидарно дејствување при Светската здравствена организација, но Лејди Гага јасно стави до знаење дека настанот не е за прибирање финансиски средства со донации од граѓани, туку фокусот е на забавата и пораките за солидарност. Светски лидери, корпорации и филантропи собраа 127,9 милиони долари, од кои 55,1 милион за Фондот за солидарност, а 72,8 милиони долари за здравствените работници и за сите оние кои се од суштинските дејности, а се во првите борбени редови против Ковид-19.
Лејди Гага, една од организаторите на концертот, рече дека настанот е „љубовно писмо за светот“.
Посветувајќи го шоуто на здравствените работници и на сите што се наоѓаат на првите редови, Лејди Гага изјави дека музичарите сакаат на овој начин да „возвратат за љубезноста што ни ја давате“, пренесува Би Би Си.












