„Јас би сакала да зборувам за правото на жената да го сочува и почитува своето достоинство. Пример ќе дадам со баба ми. Таа во своите најверојатно 24 години, некаде во раните педесетти години решила да се разведе од дедо ми, со свои четири деца. Се развела затоа што дедо ми си имал љубовница. Така, на долги стази, ама баба ми си ја сакал и си доаѓал дома. Баба ми се развела, живеела сама со децата, со една плата… Баба ми го сакала дедо ми, и сега, уште е жива, вели вака: Да, ми направи што ми направи, ама кога ќе умрам сакам до него да ме погребате. А зошто не живееше со него, ја прашуваме, да видиме кај ќе ја води муабетот… Јас и ден денеска го сакам, ни вели таа, ама не можев да дозволам тој да гази по моето достоинство“, изјави Дијана Тахири од ЦИВИЛ на панел – дискусијата „Борба, не кафеана“.
„Треба малку да погледнеме и кон себе и да видиме колку тоа ние сме лицемерни. Јас доаѓам од генерација во која на времето, една недела пред 8 март, без да се размислува зошто, се мислело на тоа дека ќе мора да се купи нешто на мама, на баба, на учителката и на некои од најблиските тетки. И кога растеш со тоа, несвесно очекуваш дека и тебе треба некој нешто да ти купи, макар и цвет… Ако погледнеме самите во себе ние сме тие што креираат култура на очекување некој нешто да ни подари на тој Меѓународен ден за правата на жените. И на тие наши чувства сметаат најмногу трговците… па дури и секс шоповите: За денот на жената – изберете идеален подарок по супер цена со можност за дискретна достава…, значи, нашето општество е ова…“, истакна Тахири.
Биљана Јордановска (текст, фотографија)
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети