ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Еден од подобрите познавачи на авганистанските состојби во новинарството – Жарко Тркањец од загрепски Глобус – неодамна откри дека во текот на преговорите меѓу талибанците и претставниците на меѓународните сили во Кабул, одржани во Доха, била изречена прогнозата – „мирот ќе биде пострашен од војната“.
Талибанецот кој го рекол ова, паштунски сунит, кому синот му погинал во војната (!), не стоел на некакви одмазднички позиции, туку едноставно стравувал за сопствената позиција, како веројатен дел од идната власт, која ќе наследи многу обременети позиции на стартот, практично несовладливи за владетелот со нормален диоптер.
ВОЕНО-БЕЗБЕДНОСНИ И ЕКОНОМСКО-СОЦИЈАЛНИ ПРЕДИЗВИЦИ
Едниот предизвик е воено – безбедносниот, кој е акцентиран со сето она што се случува околу аеродромот во Кабул. За вториот аспект – економско – социјалниот, сè уште не се говори, но тој е секако надвиснат над граѓаните на оваа намачена земја, да не се рече непремостлив за совладување и кој засега се аспектира во светот пред сè како причина за избувнување на масивна хуманитарна катастрофа.
Претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Авганистан, Каролина ван Бурен, изјави дека помеѓу 20 и 30 илјади луѓе илегално го напуштаат Авганистан секоја недела, а повеќето од нив преминуваат во Иран, пренесува Агенција Анадолија.
Авганистан, дом на околу 40 милиони луѓе, според некои меѓународни организации ќе биде тригер на масовен егзодус. Во оваа земја веќе неколку децении има огромен број внатрешно раселени лица. Пред да полетаат кон дома, странските новинари на пазарите во Кабул веќе регистрираа и огромен скок на цените на храната, манифестација на огромниот дисбаланс меѓу производството и побарувачката.
Просто, локалната економија не може да го поднесе отсуството на огромниот влез на девизи што сега просто ќе отпадне – фондовите што ги потпираат талибанците сметаат дека „си ја завршиле работата“, а оние на другата страна веќе ја започнаа политиката (и сè што доаѓа со тоа) на изолација на Авганистан, што ја затвора чешмата на огромниот девизен прилив од нивните фондови.
Девизните резерви на Авганистан, на пример, станаа недостапни за сега веќе емиратот во Кабул. Американците замрзнаа околу 9,5 милијарди долари што авганистанската централна банка ги чуваше на сметките во Соединетите држави. ММФ и Светската банка ги прекинаа плаќањата, Германија ја суспендираше помошта за развој; другите држави и финансиски институции ќе прибегнат кон истите мерки, доколку веќе не го направиле тоа. Изолацијата е општа, ако се изземат грст држави.
Русија а особено Кина покажуваат одлепување од матицата на држави кои нема да го признаат Емиратот Авганистан, но секако немаат засега намера економски да ја помагаат новата власт.
ОД КАДЕ ДОАЃАА(Т) ПАРИТЕ?
Истражување на ЦИА од 2008 година тврди дека од странски донатори талибанците добивале 106 милиони долари. Според Обединетите нации и нивно истражување од далечната 2011 година, талибанците имале годишни приходи од 400 милиони долари годишно. Би-би-си тврди дека во 2018 година тие приходи биле 1,8 милијарди долари, што укажува дека талибанците располагале со софистициран систем на финансиско поврзување со светот, ама и со своја даночна моќ врз локалното население (рекет, ами како), која им обезбедувала пари.
Постои сомнеж дека сепак најголем дел од парите доаѓал од поединечни донатори од Пакистан, Саудиска Арабија и Катар. Може да се рече дека тоа се пари наменети за војување на талибанците и прашање е дали тие нема сега да секнат – за тие спонзори целта е остварена!
АВГАНИСТАН, НАЈГОЛЕМ ИЗВОЗНИК НА ОПИЈАТИ
Авганистан се смета за најголем извозник на опијати од кои се добива хероин, кој носел од 1,5 милијарди долари (некогаш) до цели три милијарди долари сега! Преклани, според Обединетите нации, во овој бизнис со хероинот биле вклучени 120 илјади лица. Генералот Џон Николсон во 2018 г., во извештајот до Специјалниот инспекторат за следење на обновата на Авганистан (Сигар) истакнал дека талибанците добиваат 60 отсто од сите приходи од хероинот. Талибанците официјално негираат дека примаат пари по овој основ, тврдејќи дека тие во 2000 година забраниле производство на било каков опиум!
Но, талибанците не кријат дека онаму каде ги контролирале патиштата и населените места тие вршеле трансфер на парите, добиени од западни извори, наменети за обнова на авганистанската економија. Пред сè, од рекетирање на градежниците и камионџиите. По авганистански извори од енергетските компании тие наплатувале данок од потрошувачка на струја по домаќинства и фирми – ќе погледнат во броилото и точно знаат кој потрошувач колку користел струја која се разбира не е нивна. Ама – домаќинот им должи.
Но, да се вратиме на сегашноста. Што ќе се случи со жителите на разрушена економија, на земја која е навикната на прилив на пари однадвор и кои влегуваат во оптек…?
Според неодамнешна анализа на Радио Слободна Европа, во мигот е неопходна хуманитарна помош за 18 милиони лица, што е речиси половина од населението! Овој извор се повикува на проценки на ОН, во кои се тврди дека половина од децата под 5 години се потхранети. И заради војната, но и заради големата суша во земјата во последните 4 години, што сериозно ги намали приносите во земјоделието.
Во непосредното минато, многу внесени пари од западни извори до легалната власт исто така, на коруптивен начин се „извезувани“. Познат е инцидентот со фаќањето на потпретседателот на Авганистан Ахмед Зија Масуд на аеродромот во Дубаи во декември 2010 г., каде контролата го фатила со 52 милиони долари во кеш. По кус претрес, тој добил дозвола да си замине со парите! По тој повод, американскиот амбасадор во Кабул, Карл Елкенбери признава дека една година само преку банкарскиот систем нелегално се одлеале 600 милиони долари а дека потоа сумата на илегалниот износ се симнувала на 200 милиони долари годишно!
РИЗИК ОД МАСОВНА ГЛАД
Ситуацијата во мигот е крајно разочарувачка. Постои ризик од масовна глад, како и од ширење на заразата од короната, па и заради сите оние турканици на аеродромот за бегство од земјата. Имаше обид да се направи некаков „дил“ – талибанците да не ги спречуваат оние што треба да заминат во замена за хуманитарна помош, но се виде дека талибанците не го дозволија тоа. Преговорите се водеа на самиот аеродром, но другата страна остана измамничка како претходно, уште од времето на преговорите со администрацијата на Трамп.
Директорката на Светската програма за храна во Авганистан, Мери Елен Мекграрти, веќе изјави за Агенцијата Анадолија дека како Обединети нации имале разговори со талибанците за тоа како ќе функционира аеродромот по евакуацијата на САД. Како што може да се види од ситуацијата на теренот, нема никаква гаранција дека е можна испорака на хуманитарни пакети. Впрочем, резервите на помош во храна за Авганистан се исцрпуваат. Би траеле само до крајот на овој септември.
Би требало од некаде да дојдат нови пари во вредност од најмалку 200 милиони долари, тврди координаторот во оваа програма Рамиз Алакбаров, јави Агенција Анадолија пред неколку дена.
Впрочем, најголемиот безбедносен тег на Авганистан врз терезијата на светската мировна состојба се самите разно разни воени структури кај талибанците. Тие се навикнати на живот со насилство, ограбување и корупција. Во нивните редови ќе растат сепаратните амбиции, што е посебна приказна. Само да го споменеме ова- каде би завршила, хипотетички, помошта во брашно за оваа земја? Кој би го месел и јадел лебот од брашното?