„Нашата партија во моментов нема официјален став за никакво државничко прашање. Тоа е сериозен проблем за партија од калибарот на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Никола Талевски од Битола, долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, а сега дел од внатрешната иницијатива за реформирање на партијата.
Талевски го изрази своето незадоволство од сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое не се залага во интерес на државата, туку се бори за прикривање на одредени коруптивни дејствија на одредени личности од претходното раководство на партијата. Воедно, тој не ја исклучи можноста за докажување на невиност и штитење на личните интереси и на дел од новото раководство.
Зборувајќи за моменталната атмосфера во партијата, Талевски истакна дека членството е разочарано затоа што никој не ги прашал за ниту една проблематика што ја тангира партијата.
„Членството чувствува притисоци. Тоа е групација на луѓе што сакаат да имаат добар живот, сакаат да останат во Македонија, сакаат патриотските чувства да им бидат на едно високо ниво, но никако не сакаат да бидат манипулирани од некои луѓе во врхушката, што тоа постојано и тенденциозно им го наметнуваат како став. Доколку некој од членството искаже поинакво мислење или негодување, веднаш е обележан како некој што има многу поинакво мислење и е противник против партијата “, објасни Талевски.
„Таа реалност ние како политичка реалност ние како партија треба да ја осудиме, јасно и гласно, за во иднина секој што ќе биде народен пратеник да има легитимитет да излезе на говорница, да го претстави ставот на тој што го гласал… Со таквиот начин што го примени поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кога почна да се прикрива зад одредени групации, денес имаме граѓани што се во притвор, затвор, им тежат одредени големи затворски казни, и тоа само затоа што имаа верба во тоа раководство и во врвот на тоа раководство. Нивната верба беше изиграна.“, објасни Талевски одговарајќи на прашањето како членовите и реофрматорите гледаат на случувањата од 27 април.
Според него најголема одговорност треба да понесат оние што манипулираа со граѓаните пред Собрание на 27 април и ги навеле тие да бидат оние што ќе напаѓаат и кршат.
„Тоа во иднина не смее да се случи. Во иднина нашата партија треба да се најде во другата позиција. Тогаш коа да реагираме. Ние ќе бидеме во таа позиција да бидеме тепани и туркани“, рече Талевски.
Она што може да се очекува во иднина од партијата, Талевски најавува дека иницијативата ќе биде истрајан во променана статутот на партијата, избор на раководство на ВМРО-ДПМНЕ што ќе биде производ на членството на партијата и вклучување на целокупната десница во внатрешните процеси на партијата.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов