Categories

ЕКОНОМИЈА Тензиите помеѓу САД и Кина, ја ослабнаа берзата

Цените на акциите на Волстрит значително паднаа втор ден по ред, што е последица од стравувањата на инвеститорите дека трговскиот судир меѓу САД и Кина ќе предизвика забавување на растот на светската економија.

Дау Џонс (Dow Jones) ослабе 221 поен или 0,87 отсто, на 25.125 поени, додека ЕсендПи (S&P) падна 0,69 отсто на 2.783 поени, а Насдак (Nasdaq) индексот 0,79 отсто на 7.547 поени.

ЕсендПи и Насдак индексот паднаа на најниско ниво во три месеци, додека Дау Џонс е на најниско ниво од 11 февруари.

Падот на цените на акциите втор ден по ред е последица на трговскиот конфликт меѓу САД и Кина кој по се изгледа нема да биде наскоро завршен.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот рече дека САД не се подготвени за трговски договор со Пекинг, но оти го очекува во иднина.

Кинеските медиуми, пак, јавуваат дека Пекинг е подготвен да ја намали својата понуда на ретки минерали, односно продажбата на 17 хемиски елементи кои се користат за производство на голем број производи од високотехнолошка електроника за потрошувачка до воена опрема.

Покрај тоа, кинескиот телекомуникациски гигант Хуавеј поднесе тужба против САД за ограничување на неговиот бизнис.

Поради сето тоа, инвеститорите се плашат дека трговската војна меѓу САД и Кина може да се претвори во технолошка војна, која, меѓу другото, може да го поткопа растот на продуктивноста во светот.

– Трговскиот конфликт влијае врз пазарот, бидејќи никој не знае што ќе се случи. Се што знаеме е дека реториката станува поостра, и ако не бидеме внимателни, ќе завршиме во трговска војна која сигурно ќе го забави растот на економијата и може да предизвика рецесија – изјави Сем Стовал, стратег во компанијата ЦФРА Рисрч (CFRA Research).

Тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг се зголемија откако САД го ставија Хуавеј на списокот на компании кои не можат да купат компоненти и технологија од американски компании без дозвола од Владата поради закани за националната безбедност.

Покрај тоа, Вашингтон соопшти дека наскоро може да ги зголеми царините на уште 300 милијарди долари вреден кинески увоз, откако неодамна ги зголеми царинските давачки на 200 милијарди долари кинески увоз.

Кина најави контрамерки за увозот од САД и порача дека Вашингтон треба да ги поправи своите погрешни чекори со цел продолжување на трговските преговори.

A.M.

Print Friendly, PDF & Email