По синоќешната лидерска средба која Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштил, барајќи скратен партиски состав за да се искаже, денеска се одржува лидерска средба меѓу Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами. Оваа „елита“ ја изнуди Мицкоски, а Заев тоа го протолкува како однесување што е „навредливо за политичките субјекти и граѓаните на Македонија“. Сепак, Заев го прифати барањето на Мицкоски за да ја изрази својата добра волја.
На денешната средба се појави Биљал Касами, инаку лидер на едно од политичките крила на партијата Беса, како претставник на „албанската опозиција“ во парламентот. Мицкоски се појави во придружба на Тања Каракамишева која, за разлика од нејзиниот шеф, носеше две поголеми торби со себе. Али Ахмети е малку подгрбавен и покажува очигледни знаци на замор, додека премиерот Заев и вицепремиерката Шекеринска се појавија ведри и насмеани.
Партиските лидери дискутираа за составот на ДИК и претстојниот есенски референдум за името, посебно за формулацијата на референдумското прашање. По двочасовна работа од која никој не си замина, тие беа на получасовна пауза, по што се вратија на преговарачката маса во Клубот на пратениците.
Неофицијално дознаваме дека на средбата ни малку „не оди лесно“, според зборовите на една од учесничките…
Како што синоќа објави МИА, премиерот Заев, по синоќешната лидерска средба соопшти дека референдумското прашање би можело да биде: Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? Тој соопшти и дека претстојниот референдум треба да биде консултативен.
Заев изрази разочарување што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти средбата само еден час по почетокот велејќи дека тоа е несериозно, неодговорно и навредливо.
– Значи без разлика на карактерот на референдумот, одлуката се смета за успешна во ваков случај. И се отвори дебата дали да биде консултативен или обврзувачки. Консултативен е кога ние сакаме да ги консултираме нашите сограѓани и потоа да ги носиме одлуките, како што е случајот со одлуките за промена на Уставот. Ако ние одлучиме да ги носиме одлуките за промена на Уставот сега во Парламентот и ги донесеме тие одлуки и потоа одиме тоа да го провериме на референдум, тогаш тој е дополнителен, појасни Заев пред новинарите на синоќешната прес конференција.
М. Л.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените не е дозволено, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.