CivilFest
Categories

БУЏЕТ Тевдовски: 10,2 милијарди повеќе во 2019 за подобра искористеност на човечкиот потенцијал

На денешната презентација на „Систематската дијагностика за земјата“ изработена од Светска банка, министерот за финансии, Драган Тевдовски, истакна дека во Буџетот за 2019 година има 10,2 милијарди денари повеќе средства за здравство, образование и социјална заштита.

Според Тевдовски и годинава во Буџетот за овие намени има алоцирано повеќе средства во однос на минатата година. Ова значи дека во континуитет се работи на зајакнување на овие сектори, а со тоа се вложува во човечкиот потенцијал и во зголемување на продуктивноста.

„Клучен фактор за економски развој и борба против сиромаштијата е човечкиот капитал. Со вложување во луѓето, се зголемува продуктивноста, што ќе го поттикне економскиот раст и ќе креира подобро платени работни места“, рече Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека Владата има направено сеопфатна реформа на системот за социјална помош и детска заштита. Со реформата Македонија е прва во регионот која воведува гарантиран минимален приход, а ќе се зголеми и опфатот на детскиот и образовен додаток.

Во однос на образованието, министерот рече дека се работи на зголемување на опфатот на децата во претшколско образование. Целта е опфатот да се зголеми од 30% на 50%.

Се работи и на подобрување на инфраструктурата, како и на квалитетот на програмите, како во образованието, така и во здравството.

Министерот реше дека подобро платените вработени се попродуктивни. Затоа Владата и оваа и следната година ги зголемува платите на вработените во клучните сектори, како здравството, образованието и детската грижа.

„Имаме реален проблем во здравството со одлив на кадри. За таа цел и годинава и следната година предвидовме покачување на платите на здравствените работници, со дополнително покачување од 10% за специјалистите. Кога вработените се подобро платени, тие се попродуктивни. За таа цел, ги покауваме платите и во образованието и детската грижа. Покрај јавниот сектор, со воведување на повисоко ниво на минимална плата, како и владините мерки за поддршка на раст на платите, се придвижи спиралата на плати и во приватниот сектор“, рече Тевдовски.

Министерот рече дека Владата работи и на отворање на нови работни места. И следната година во Буџетот се предвидува највисоко ниво на средства за активните мерки за вработување. Се предвидуваат и мерките за поддршка на фирмите, кои треба да ја поттикнат иновативноста, извозот, инвестициите и отворање на нови работни места.

К. С.

Print Friendly, PDF & Email