Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Косово да стори се што е во негова моќ за да постигне долгорочен договор со Србија, две децении по завршувањето на војната. Во писмото до косовскиот претседател Хашим Тачи, кое беше објавено на интернет страницата на косовскиот претседател, Трамп вели дека „неуспехот да се искористи оваа единствена можност ќе биде трагично назадување“ и оти „друга шанса за сеопфатен мир веројатно нема да се повтори наскоро“.
Вчера, американскиот претседател Доналд Трамп испрати писмо до косовскиот претседател, Хашим Тачи. Трамп во писмото побара од политичките лидери на Косово да бидат единствени во постигнувањето сеопфатен договор со Србија. Трамп наведе дека му било задоволство да разговара со Тачи во Париз и дека Косово го смета за партнер во настојувањата да гарантира мир и стабилност во Европа.
Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, го оцени како добра вест за Приштина писмото што американскиот претседател Доналд Трамп му ги испратил на косовскиот претседател, Хашим Тачи.
„Од самиот почеток САД беа и продолжуваат да бидат најголемиот сојузник на земјата, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Како премиер на Косово категорично ги поддржувам сите напори за унификација на позициите во политичкиот спектар и брзите подготовки за постигнување сеопфатен, правно обврзувачки договор помеѓу Косово и Србија“, напиша Харадинај.
Тачи и Харадинај немаат единствен став за Србија. Додека Тачи говореше за размената на територии како решение за постигнување договор со Белград, Харадинај зазеде цврста позиција и укажа дека нема да дозволи размени. Тој даде и до знаење дека нема да ги укине царините од 100 проценти за производите од Србија и покрај апелите на Европската Унија, која побара итно укинување на мерките.