За многумина, Преспанскиот договор е изнуден, услов кој мора да се исполни, цена која мора да се плати, нешто што никако не би го направиле доколку не сме биле притиснати до крај тоа да го направиме.
За мене тоа е знак дека сме пораснале, дека политички сме созреале, сме научиле дека сме ја согледале опасноста од изолационизам и потребата од договарање (почнувајќи од најблиските соседи).
Изолацијата е исклучително опасна за секоја заедница (било да станува збор за јазична или културна или религиска или политичка или… било кој друг вид изолација).
Изолационистичкото затворање оневозможува пробив на други размисли и видувања, на поинакви перцепции на исти случувања, ги ограничува информациите од секаков вид и неизбежно води кон атрофија на глобалните интелектуални капацитети на една заедница.
Запирањето на текот на времето, издигнувањето на одредени вредности од минатото на ниво на вкаменети аксиоми кои не смеат да бидат оспорени, градењето затворени кругови на истомисленици кои немаат сили да ги согледаат промените и поддржувањето на колективните наспроти индивидуалните права, се незаобиколив продукт на секој облик на изолација.
Историјата не смее да ги затвори вратите на иднината. Секогаш треба да се има предвид дека:
– Секое историско случување треба да се разгледува во конкретните услови во кои се одвивало;
– Секое историско случување на различен начин се перцепира од различните учесници во истото;
– За секое историско случување има различни интерпретации;
– Историјата не ја чинат само факти, туку во голема мера ја чинат перцепции, интерпретации, толкувања, емоции; …
Секое затворање во историските рамки води кон изолација од денешнината. И кон изолација од вистината: географска Македонија е многу поголема од нашата, македонска држава!
Договорот со Грција требаше одамна да биде склучен, заради самите нас и нашето излегување од себеизолацијата. Требаше да биде склучен за да воспоставиме односи кои ќе им го олеснат живото на граѓаните, кои ќе овозможат слободна размена на идеи и информации и кои ќе овозможат заедничко решавање на заедничките проблеми.
Јас лично мислам дека ваков договор треба да има и во ситуација никогаш да не влеземе во ЕУ и НАТО за да почнеме на најдобар начин да ја живееме денешнината во опкружувањето во кое се наоѓаме.
Преземање на содржините објавени овде e ЦЕЛОСНО ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.