Според Архивот на собири во Србија, колоната студенти што во четвртокот пеш тргнаа од Нови Белград кон Нови Сад, на излез од Земун, имаше околу 900 учесници. Ним им се придружија 420 велосипедисти кои тргнаа од Белград, пренесуваат српските медиуми.
Студентите на белградските факултети во блокадата, кои од четвртокот утрото пешачеа од Белград, во петокот околу 19 часот пристигнаа во Нови Сад.
Тие дојдоа да им дадат поддршка на колегите од Нови Сад во блокирањето на сите три моста во тој град, што почнува денеска во 15 часот, по повод три месеци од трагедијата на Железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица.
Три месеци од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, од тогаш- до денес…
Денеска се навршуваат точно три месеци откако се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 лица. Во овие три месеци се случија многу работи. Од демант дека е реконструирана настрешницата, преку објавување на „комплетна документација“ во продолженија и разни дополнувања како се засилуваше притисокот на студентите од улицата, до оставки на министри, апсења и на крајот пад на Владата на Србија.
Режимот на Српската напредна странка никогаш не бил вака потресен, а секој потег на власта во изминатите 92 дена го потврдуваше тоа.
Според политикологот Александар Ивковиќ, „делата“ на српскиот режим главно поминале неказнето, а поради тоа веројатно делумно се задушиле во некое лажно чувство на сигурност дека би можеле да се извлечат од целата приказна за падот на настрешницата во Нови Сад, се наведува во српскиот весник Нова.
„Од друга страна, претпоставувам дека не се толку наивни за да не можат ништо да направат“, рече тој.
Тој додава дека оставките на министрите биле изненадување, со оглед на тоа што не се во манирот на Српската напредна странка.
„Доколку Вучиќ во изминатиот период повнимателно го набљудуваше политичкото однесување во Србија, можеби ќе можеше да предвиди што ќе се случи“, посочува Ивковиќ.
Подготви: Д. Тахири