Независниот академски синдикат (НАкС) организира трибина насловена „Проблеми и предизвици на финансирањето на високото образование и науката во РСМ“. Трибината ќе се одржи на 24 февруари (понеделник) со почеток од 13 часот во Културниот центар „Кино култура“.
Трибината е дел од проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“. Тема на дискусија на трибината се заклучоците и препораките изведени во рамките на анализите кои се однесуваат на воспоставување критериуми за финансирање на високообразовните институции; воспоставување критериуми за формирање на платите на вработените во високото образование и потпишување колективен договор и финансирање на научно-истражувачката дејност во РСМ.
Резултатите од истражувањата во рамките на проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“ ќе ги презентираат проф. д-р Мирјана Најчевска, доц. д-р Бранимир Јовановиќ, проф. м-р Маја Стевановиќ и проф. д-р Виктор Стефов.
Како панелисти на трибината се поканети: претставници на МАНУ, претставници на јавните универзитети, претставници на студентите, претставници на синдикатите од високото образование и науката. Како учесници во општата дискусија на трибината се поканети: претставници од приватните универзитети, членовите на Независниот академски синдикат и членовите на пошироката академска заедница, како и пошироката јавност.