Царовска и Шекеринска порачаа дека нема да се толерира насилство врз жените и децата

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска посетија еден од шелтер центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство.Целта на посетата беше да им се даде березервна поддршка и заштита на жените кои преживеале насилство од своите партнери, но и уверување дека државата ги презема сите потребни чекори за борба против насилството врз жените.

Шекеринска истакна дека Министерството за одбрана и Владата ќе направат сè државата систематски и институционално да им помогне на жртвите на семејно насилство. Во Министерството за одбрана и во Армијата ќе бидат формирани тимови и ќе бидат отворени телефонски линии за пријавување на семејното насилство.

Царовска ги повика жртвите да го пријавуваат насилството и да бараат заштита од државата.

„Секој човек, секоја жена треба да се чувствува безбедно во својот дом и средината во која живее. Ова е основно право и сигурност која ние како држава мора да ја гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни. Паралелно, Истанбулската конвенција ни дава рамка за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така и превенција, подигнување на јавната свест како и воспоставување на институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство и нивна повторна интеграција во општеството“, изјави Царовска.

МТСП воведува кејс менеџментот (управување со случај), за кој социјалните работници поминаа обука за да може успешно да препознаваат социјален ризик во семејствата, но и да ги менаџираат и решаваат ваквите предизвици.

Инаку, во моментот функционираат 4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а дејноста на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе е проширена и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци. МТСП инвестира и во објект во кој ќе биде сместен Центар за советување на жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје, отворени се и 3 Центари за жртви на сексуално насилство.

Во соработка со граѓанскиот сектор, Министерството финансира Центар за лица жртви на семејно насилство, Кризен центар 24/48 часа и Национална мобилна СОС линија, кои се менаџирани од страна на граѓански здруженија. В

Согласно статистиката на Министерството за труд и социјална работа во 2018 година вкупниот број на новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува 919 лица од кои 665 се жени, 140 мажи и 104 се деца.