Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска учествуваше на Првата регионална конференција за правата на ЛГБТИ. Како дел од конференцијата се одржа и министерски состанок на кој освен Царовска беа присутни и министерот за здравство Венко Филипче, како и министри од ресорни министерства од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
На состанокот беа разменети искуства за активностите со кои треба да се обезбеди поправедно и послободно општество за ЛГБТИ. Исто така беше договорено да продолжи работата на регионалната интервладина група за ЛГБТИ, а Македонија да биде прва земја претседавач.
„Подготвивме нов закон за заштита од дискриминација кој е во собраниска процедура и во кој се вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација и истите ги санкционира, но и ја ратификувавме Истанбулската конвенција“, истакна Царовска, на отворањето на конференцијата.
Македонија е единствена држава во поширокиот регион која има Интер-партиска парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Во фаза на донесување е и на акциски план со кој треба да се имплементира Истанбуласката конвенција која многу значи за унапредувањето на правата на ЛГБТИ лицата, но и сите други маргинализирани групи граѓани.
Ц. М.