Прекинат уписот на првачиња во тетовско основно училиште „Истикбал“, откако наставничка резултирала позитивно на тестот за корона вирусот. Иако првично се дознава дека не била во контакт со нејзини колеги, ниту дел од комисијата за упис, сепак 40 наставници од училиштето и директорот потпишале изјава за самоизолација.
Веста за заразената наставничка официјално ја потврдил и раководителот на Секторот за јавни дејности на општина Тетово, Ахмед Ќазими. Тој уверува дека се преземени сите заштитни мерки и нема простор за страв и паника.
„Веднаш се преземени сите превентивни мерки. Наставничката кај која е потврдено присуство на коронавирусот е предметен наставник во повисоките одделенија и не била во никаков контакт ниту со комисијата која го врши уписот на првачињата, ниту со децата и нивните родители. И покрај ова, од превентивни мерки, наставниците со кои таа можела да биде во контакт се ставени во самоизолација, а уписот на првачињата е прекинат до 15 јуни“, информира Ќазими.
Во останатите основни училишта во Општина Тетово, уписот на првоодделенците се одвива без проблеми. Училиштата ги спроведуват сите протоколи вклучувајќи дезинфекција и носење заштитна опрема.
Арбен Зеќири