од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Добро, чита ли воопшто некој нешто во државава или и на работа сите сурфаат по мобилните. Дамите и господата по образованите институции знаат ли воопшто што се` се пишува меѓу кориците што на децата им ги тутнуваат во нивните училишни ранци.
Пред ден, два низ медиумите прелета многу грда вест. За дискриминаторски навреди на една цела наша етничка заедница. Некој таму во образовните коридори создаде или пак некој таму намерно подметна содржини во кои Ромите се нарекуваат Цигани. И да е само тоа. Туку и дека се лажливци, мрзливци, неработници. И дека се нечисти, просјаци, бездомници, скитници, крадци.
Сликовита содржина нотирана, додуша во литературна, еве да речеме во некаква уметничка творба. Во „Македонски хумористични народни приказни“. Баш убав некој хумор во некаква школска лектира од пред сто години. Подбивливи смешки за деца од единаесет, дванаесет години. И државните образовни селектори ептен го трефнале изборот. Програмски содржини истресле како од ракав. Полн образовен погодок. Баш онака сочно дискриминаторски, потценувачки, понижувачки, трауматично.
Но не. Кај нас во ова наше време, ваква ксенофобија не се случува. Во оваа наша уставна, рамноправна, хумана и космополитска Македонија, не се можни две, три, четири, работи:
Прво, не може да се случи нашата стручна совесна образовна администрација да одобри таква некаква содржина;
Второ, и да се случило тоа, нема шанси таквата книга да стаса ниту до училишните дворови, а камо ли до училишните клупи;
Трето, дури некако и да се протнала преку школските прагови, учителите и школските педагози, веднаш би спречиле таквите четива да паднат во кревките детски раце;
Четврто, еве, дури и наставниците да не нашле време да ги отворат книгите и лектирите, нели родителите ревносно контролираат што тоа учат и читаат нивните деца.
Нели е така? Би требало да е. Ама еве, во нашево образование на децата им се треснува од глава дури и ваква ксенофобична и вулгарна воспитно образовна дискриминација. И по цел половина век ни се случува тие да ни учат дека Ромите пак станале Цигани.
Наместо да ги подучат за величествената „Кармен“ и култната „И циганите летаат на небо“, нашата образовна бирократија на невините детски глави им приреди примитивна воспитно образовна претстава.
И наместо култура и мултикултура, нам ни се случува Цигани да ни паѓаат од небо.