Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, на првиот ден од расправата за гласање доверба на Владата, од пратениците побара сите да застанат пред нивната совест, но и пред интересот на земјата и народот.
Тој им порача на пратениците слободно да дадат јасен одговор: дали имаат доверба во Владата или не.
Во своето обраќање Ципрас направи ретроспектива на сето она со кое што се соочила неговата Влада во изминатите години, што направила, но и што треба да направи во иднина.
„Голема можност да се реши едно историско, политичко и дипломатско нерешено прашање од многу децении. Мојата совест и мојата патриотска должност ми наметнаа да ја искористам оваа историска можност, знаејќи дека ова ќе има политичка цена. Од прв момент заедно со тогашниот Министер за надворешни работи, Никос Коѕијас со нашите души и ум му се посветивме на големиот обид за решавање на оваа разлика за името на соседната земја, што претставуваше и претставува доколку не се реши, голема тежина во дипломатијата и надворешната политика на земјата, но и голем трн за стабилноста на регионот“, рече Ципрас, истакнувајќи дека не се согласува со ставот на лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, и рече дека греши.
Наместо од собраниската говорница, Каменос, кој не се обрати пред пратениците, на Алекис Ципрас му одговори преку неговиот официјален Твитер профил.
„Грешка на премиерот е поддржувањето на веќе мртвиот Договор од Преспа“, напиша лидерот на Независни Грци, Панос Каменос на Твитер, веднаш по говорот на Алексис Ципрас во грчкиот Парламент.
Претседателот на најголемата грчка опозициска партија, Нова демократија, Кирјакос Мицотакис го повтори неговиот став дека давањето глас за доверба значи „да“ за Договорот од Преспа, „што претставува голема национална отстапка“.
Во однос на Договорот од Преспа, Мицотакис уште еднаш го обвини Ципрас, дека отстапил македонски идентитет и македонски јазик.
Лидерите на сите опозициски партии, во нивните обраќања рекоа дека не ја поддржуваат владата, ќе гласаат против обновувањето на доверба и истакнаа дека единствено решение за земјата во овој момент се избори.
Во текот на денешниот ден се очекува збор да земат пратениците, а непосредно пред гласањето повторно ќе се обрати грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Според последните пребројувања и јавно изнесени ставови од пратениците, Владата ќе ги добие потребните 151 глас за доверба и поддршка.
Освен 145-те пратеници на владејачката СИРИЗА на Ципрас, се очекува, позитивно да гласаат и независната пратеничка и алтернативна министерка за цивилна заштита, двајца поранешни и двајца сегашни членови на Независни Грци и поранешниот пратеник од Река, Спирос Данелис.