Како и секогаш транспарентен, ЦИВИЛ и јавно објави порака до своите набљудувачи.
„Како што е договорено на обуките, секој набљудувач на ЦИВИЛ ги почитува законите и Уставот на РСМ, Кодексот за набљудување и Изборниот законик, како и основните принципи на ексклузивност, мобилност и непристрасност во работата. Ние сме сојузници со граѓанките и граѓаните, и цврсто се држиме до законите и демократските принципи“, се вели во пораката.
Секој набљудувач е мобилен и се придржува кон насоките од централната координација на организацијата.
„Бидете внимателни во извршувањето на своите задачи и грижете се за својата безбедност“, се вели понатаму во пораката.
Набљудувачите на ЦИВИЛ имаат целосна поддршка од координативниот центар во седиштето на ЦИВИЛ.
Меѓу другото, тие можат да направат и брза проверка и да се потсетат на основните категории во кои изборниот процес се набљудува во кратките верзии од насоките што им се испратени, а кои не се разликуваат многу од јавниот формулар – ПРИЈАВА ЗА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ.
На набљудувачите и тимовите за комуникации, мониторинг на медиумите и социјалните мрежи, аналитика и односи со јавноста, раководството на ЦИВИЛ им посакува многу среќа и успех во работата.
„Вие денеска сте чувари на демократскиот процес. Ние сме во служба на граѓанките и граѓаните на нашата земја. Заштита на правото на глас, нивната слободна волја е единствената задача за нас на денот на изборите. Ние имаме обврска да го заштитиме тоа право, без компромис, целосно и до крај – како и секогаш досега. Вам и на сите граѓанки и граѓани им посакуваме мирни, демократски и фер избори“, завршува јавната порака на ЦИВИЛ до набљудувачите и јавноста.
ЦИВИЛ Тим за комуникации












