ЦИВИЛ вчера објави соопштение во кое го повика законодавниот дом, како и сите носители на одлуки во земјата да им стават крај на неразумните и прескапи повластици и привилегии на сите функционери, поранешни и сегашни, на национално и на локално ниво. Соопштението наиде на огромна поддршка од граѓанките и граѓаните. Десетици илјади луѓе го прочитале соопштението, стотици коментари напишаа на нашата Фејсбук страница и во директни пораки.
Соопштението е испратено уште еднаш до сите медиуми во земјата. Исто така, ЦИВИЛите донесоа одлука, во случај носителите на одлуки, пред сѐ, пратеничките и пратениците во Собранието, да пропуштиле да ги слушнат и прочитаат сѐ погласните барања за укинување на функционерските привилегии, барањата ќе бидат доставени до архивата на Собранието во петок во пет минути до 12 часот. По тој повод, претставниците на ЦИВИЛ ќе бидат на располагање на медиумите и заинтересираните граѓанки и граѓани за изјави на оваа или било која друга тема, во непосредна близина на службениот влез во Собранието.
Воедно, ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува сите граѓанки и граѓани активно да се вклучат во контролата на трошењето на јавните пари и практикувањето на власта на локално и национално ниво. Ова подразбира дека се добредојдени и идеите за промена на постојните законските регулативи што не се во согласност со интересите на граѓанките и граѓаните. На располагање се сите канали за комуникација со организацијата.
ЦИВИЛ бара да се укинат неразумните и прескапи повластици и привилегии на функционерите