Движењето #AfricansRising (Африканците се креваат) испрати отворено писмо до Советот за безбедност на Обединетите Нации, повикувајќи на обновување на ембаргото за оружје и санкции за Јужен Судан.
Како коалиција од 16 меѓународни и регионални граѓански организации, движењето побара итна поддршка на Советот за безбедност на ОН во однос на ситуацијата во Јужен Судан. Насилството и злоупотребите во Јужен Судан и протокот на оружјето мора да престанат, порачуваат од движењето.
Денеска, Советот за безбедност одлучува за Јужен Судан, а поддршката се шири низ социјалните мрежи, повикувајќи на кревање на гласот и залагање за Јужен Судан.
Меѓу останатите потписници на отвореното писмо е и ЦИВИЛ – Центар за слобода кој ја нуди својата максимална поддршка против секаков вид агресија и насилство.
Africans Rising е панафриканско движење на луѓе и организации, кои работат за правда, мир и достоинство, негувајќи солидарност и единство на целата Африка со една цел право на мир, социјална вклученост и заеднички просперитет. Организацијата ги застапува широките барања за поврзување на заедничките заложби за градење на солидарност и соработка во рамките на кампањите за социјална, економска, еколошка и родова правда. Вклучувајќи разни движења, иницијативи, граѓански организации, влади, уметници, бизнис заедницата врз основа на заедничката поддршка за Декларацијата Килиманџаро.
Декларацијата од Килиманџаро е потпишана на 23 и 24 август 2016 година, кога двесте и седумдесет и двајца претставници од граѓанското општество, синдикатите, жените, младите луѓе, мажите, лицата што живеат со посебни потреби, пратениците, медиумските организации и религиозните групи од цела Африка и од африканската дијаспора се собраа во Аруша, Танзанија, и се заложија да градат панафриканско движење кое ги признава и се бори за правата и слободите на народот од цела Африка.