ЦИВИЛ денеска организира креативна работилница „Обединети против насилството“ во Домот на културата „Димитар Влахов“, Автокоманда, Гази Баба со почеток во 12 часот, како дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“.Работилницата е дел од заедничките заложби на ЦИВИЛ, основните и средни училишта од Гази Баба, локална самоуправа и полицијата за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација на локално ниво против насилниот екстремизам.
На работилница се предвидува учество на околу 20 деца од повеќе средни и основни училишта во Гази Баба што заеднички ќе сликаат на теми „Човекови права и слободи“, „Мир и ненасилство“, односно сѐ што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање.
Работилницата ќе биде проследена со видео проекции, музика, доделување симболични награди за учесниците на работилницата, како и благодарници до учесниците во проектот од Општина Гази Баба.
Свои обраќања ќе имаат и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, како и претставници на ЦИВИЛ и СВР Гази Баба, како и Борче Петревски, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, во завршниот дел од работилницата по 14 часот.
ЦИВИЛ го спроведува проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.