По повод Европскиот ден на жртвите од криминал, Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 22 јули, ќе го презентира Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2018 година, а ќе даде и преглед на инцидентите со оценки на постапувањето на државните институции во однос на овој вид криминал.
Прес -конференцијата ќе се одржи во просториите на Хелсиншкиот комитет за човекови права со почеток во 11 часот, а вечерта ќе се одржи настанот „Турлитава – заедно е послатко“, со цел симболично да се одбележи Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза, во Мобилната Галерија сместена во Паркот на Франкофонијата, од 19 до 22 часот.
Идејата со која се организира настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза. На настанот, традиционално по шести пат, ќе бидат претставени вкусни традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во Македонија, со што директно ќе се посочи на различноста како можност за споделување. Настанот се организира со поддршка на здруженија на граѓани и волонтери.
Б. Ј.